• недела, 22 декември 2024

Муцунски од Дубровник: Владата е цврсто фокусирана на европските реформи, преку владеење на правото, борба против корупцијата и економски развој

Муцунски од Дубровник: Владата е цврсто фокусирана на европските реформи, преку владеење на правото, борба против корупцијата и економски развој

Скопје, 30 јуни 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,  на покана од министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на Дубровник форум, каде се обрати на посебната сесија „Отворање на реформскиот потенцијал на Западен Балкан“, при што се осврна на перспективите за членство на земјава во Европската унија.

Во своето обраќање Муцунски, како што информираат од неговиот кабинет, истакна дека иако земјава е сведок на “билатерализација” на евроинтегративниот процес, а претходно и на членството во НАТО, како и повеќекратна апликацијата на двојни стандарди од страна на институциите на ЕУ, сепак нашата нација е про-европска нација, а мнозинството од нашиот народ ја поддржува европската агенда, бидејќи нема подобар пат од полноправното членство на земјава во ЕУ.

Во делот на реформите и интеграцијата на земјата во Европската Унија, Муцунски нагласил дека новата влада е цврсто фокусирана на процесот на европска интеграција, преку обезбедување на европските стандарди дома, односно борба со криминалот и корупцијата, владеење на правото и економски развој.

Запрашан за концептот за членство во Единствениот пазар пред целосна интеграција во ЕУ, Муцунски, се вели во соопштението, истакнал дека независно како ЕУ го предвидува овој процес, вклучително и концептот за постепена интеграција, нема да има двоумење од наша страна доколку крајниот резултат е полноправно членство во ЕУ. аа/

Фото: МНР

 

Остани поврзан