• четврток, 19 март 2026

Муцунски: Набргу очекуваме склучување договор за стратешко партнерство со Хрватска, сличен на тие со Обединетото Кралство и Унгарија

Муцунски: Набргу очекуваме склучување договор за стратешко партнерство со Хрватска, сличен на тие со Обединетото Кралство и Унгарија

Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Набргу очекуваме склучување договор за стратешко партнерство со Хрватска, сличен на тие со Обединетото Кралство и Унгарија, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Во гостувањето во емисијата „Само интервју“, во контекст на посетата на хрватскиот министер за надворешни и европски работи, министерот говореше за билатералните односи со Хрватска осврнувајќи се на постојните стратешки договори со Обединетото Кралство и Унгарија, како и на најавата за нов договор за стратешко партнерство со Хрватска.

- Во најава имаме договор за стратешко партнерство со Хрватска. Тоа го најавивме и двајцата на заедничката прес-конференција. Разговараме за билатерален договор меѓу двете држави, кој е сличен на договорите што ги имаме со Унгарија и со Обединетото Кралство - истакна министерот Муцунски.

Шефот на македонската дипломатија информира дека во моментот се водат разговори за финализирање на процесот на создавање стратешко партнерство меѓу двете држави, кое ќе опфати повеќе области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката. Тој ја посочи Хрватска како „ментор во евроинтегративниот процес“ на државата нагласувајќи ги политичката поддршка и техничката помош.

Во однос на стратешкото партнерство со Обединетото Кралство, министерот посочи дека, во согласност со информациите од надлежните институции, активно се работи на реализација на проектот за брзата пруга, како и на проекти поврзани со системот на јавното здравство.

Осврнувајќи се на договорот со Унгарија, Муцунски нагласи дека преку ова стратешко партнерство се реализираат повеќе проекти, особено во инфраструктурата, при што договорот претставува значајна алатка и во насока на подобрување на јавниот транспорт. дма/паг/

Фото: МНРиНТ

Остани поврзан