• понеделник, 23 декември 2024

Муртезани: Клучно е зајакнување на капацитетите на институциите за имплементација на реформите

Муртезани: Клучно е зајакнување на капацитетите на институциите за имплементација на реформите

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас за Извештајот за напредокот за земјава, кажа дека од клучно значење е зајакнувањето на капацитетите на институциите за имплементација на реформите поврзани со ЕУ.

– Проблемите со капацитетите на институциите да се справуваат со имплементацијата на реформите било години наназад дел од сите извештаи, меѓутоа со оглед на тоа дека ние сега ги финализираме подготовките и треба да се спремаме за отворање на Кластерот 1 секако дека зајакнувањето на капацитетите на МЕП, но и другите линиски министерства е клучно. Мојата прва прес-конференција како министер за европски прашања беше токму на оваа тема каде што алармирав дека структурите ИПА и евроинтеграции се под минималните капацитети за да може да се сносат со предизвиците за успешна имплементација. Истиот феномен го гледам и сега кога веќе воспоставувам структура и се интензивира процесот на координација на институциите за спроведување на реформската агенда ова е разговарано неколку пати на седница на Влада. Оваа структура ќе мора да се зајакне, меѓутоа ќе мора да се зајакне со професионален кадар кој може на директен начин да се вклучи. Се додека не се зајакне структурата со професионален кадар ќе мора да се потпреме на поддршката од Европската делегација, меѓутоа и на техничката поддршка од различни донатори во нашата земја, изјави Муртезани, прашан да ги искоментира критиките и до МЕП дека нема капацитети да се носи со процесот на реформи.

Истакна дека ќе се зголеми бројот на стручен кадар по институциите, со цел имплементација на реформската агенда.

-Да појаснам, не сум кажал 100 експерти, туку стручен кадар. Таму може да бидат стручни, експерти... Вакви одредени експерти преку различни проекти веќе работат во МЕП. Овој број во наредниот месец, два, три ќе се зголеми за да има солидна структура за имплементација на реформската агенда за да може да се појача абсорпцискиот капацитет и на Министерството и на институциите. Странските експерти не може да бидат вработени во Министерството, тие одат преку различни проекти, а дополнителните вработувања на стручен кадар ќе одат преку Министерството и преку различните линиски министерства. Ќе се обидеме да ги најдеме во државата. Тоа што не ќе можеме да го најдеме во државата ќе го бараме преку различни донатори и проекти, рече Муртезани.

Во одговор на новинарско прашање доколку не се состави политичка влада во Бугарија за да продолжат разговорите дали има друг план, Муртезани одговори дека не е момент да се градат хипотетички тези.

-Тоа што е битно во моментот е дека се што требаше да се каже е кажано, сега е време да се работи на изнаоѓање на решение, рече Муртезани.

Во одговор на новинарско прашање за транспарентноста на институциите, велчи дека на последнта владина седнивца се согласиле дека транспарентноста треба да биде поголема. 

-Станува збор за одредени технички проблеми коишто треба да се надминат во скоро време. Откако тие ќе се надминат ќе продолжиме да бидеме транспарентни бидејќи немаме никаква причина да ја криеме работата на Владата, рече тој.

Муртезани на прес-конференцијата рече дека МЕП направило анализа на Извештајот и дека најсимплифицираната квалификација при читањето на Извештајот е дека има напредок, т.е. дека има благ нагорен тренд. 

-Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2024 година е добро ниво на подготвеност, односно 3,22 во споредба со 3,13 во 2023 година. И таа е солидна и констатна во однос на повеќе години претходно. Во однос на останатите земји-кандидатки од регионот би напоменал дека нашето ниво на подготвеност е се уште највисоко, што е уште еден показател дека Северна Македонија не само што е подготвена за пристапните преговори, туку компаративната анализа укажува на тоа дека имаме кумулиран напредок, рече Муртезани. 

Истакна дека Извештајот се објавува во еден ден, но неговото читање трае 365 дена, зашто тој не е само оценка за нашите досегашни активности, туку и патоказ за следните чекори на нашиот европски пат и дека клучен момент е како да ги интегрираме овие насоки во нашите политички и економски стратегии. 

-Ова е предизвик кој го прифаќаме со одговорност и решителност. Ние сме свесни дека успехот на европското досие зависи од заедничките напори — од Владата, преку Собранието, до граѓанскиот сектор. Преку соработка и отворен дијалог, како основа на нашите напори за унапредување на нашата европска иднина. Само така сонот за членство во Европската Унија може да стане реалност. Јас, како главен преговарач со ЕУ и стручните служби во Министерството за европски прашања, остануваме цврсто посветени на континуиранот развој на нашите капацитети и реализација на стратешките цели на Северна Македонија, рече Муртезани. нд/са/

Фото/видео: Влада

 

Остани поврзан