Муртезани и Бирн со заеднички став: Ситуацијата во Газа е алармантна, потребна е итна хуманитарна акција
- Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека Северна Македонија, иако мала земја, не може да остане имуна на глобалните трендови за ситуацијата во Газа, особено ако тие прераснат во заедничка безбедносна и надворешна политика на Европската Унија.
Скопје, 30 јули 2025 (МИА) – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека Северна Македонија, иако мала земја, не може да остане имуна на глобалните трендови за ситуацијата во Газа, особено ако тие прераснат во заедничка безбедносна и надворешна политика на Европската Унија.
- Целиот свет се мобилизира бидејќи ситуацијата во Газа е алармантна. Не можеме како земја, колку и да сме мали, да сме имуни на таквиот тренд, особено ако тоа прерасне во заедничлка безбедносна и надворешна политика на ЕУ, ние, како 100 проценти усогласени на таа политика, ќе мора да го следиме истиот чекор, рече министерот Муртезани, одговарајќи на новинарско прашање по заедничката прес-конференција со министерот за европски прашања и одбрана на Република Ирска, Томас Бирн.
Брн истакна дека итуацијата во Газа „веќе е неподнослива и бара итна хуманитарна помош“. Тој потсети дека Ирска, заедно со Шпанија и Норвешка ја признаа Палестина и порача дека треба да се искористи предноста на ЕУ да ги убедат останатите земји дека она што се случува таму е толку лошо што е неопходно итно да се дејствува.
-Секоја држава треба да си ја донесе својата одлука. Но, морам да кажам дека имаме сериозна загриженост околу она што се случува во Палестина, а ние секогаш сме се заложувале за луѓето од Палестина. Но, она што го заклучивме е дека ни е потребна итна помош и треба да ја искористиме предноста што ја има ЕУ и да ги убедиме останатите земји дека она што се случува таму е тотлку лошо што е неопходно итно да се дејствува, рече тој.
Ситуацијата во Газа во јули 2025 годинa е оценета како хуманитарна катастрофа од невидени размери во која над два милиони луѓе се соочуваат со глад, а Светската здравствена организација предупредува дека „луѓето масовно умираат од неухранетост“.ар/вј/
Фото:МИА архива