Музички настан по повод пет години постоење на „ПМГ Танц Дигитал“
- Во градината на кафулето „P_inn“ во Старата скопска чаршија во Скопје вечер ќе се реализира музички настан по повод пет години делување на македонската дискографска куќа за електронска музика „ПМГ Танц Дигитал“.

Скопје, 10 август 2024 (МИА) - Во градината на кафулето „P_inn“ во Старата скопска чаршија во Скопје вечер ќе се реализира музички настан по повод пет години делување на македонската дискографска куќа за електронска музика „ПМГ Танц Дигитал“.
-„PMG Tanz Digital“ се јавува како одговор на потребите за регистрирање, издавање и промоција на новиот автентичен и квалитетен израз на македонските електронски музички автори. Оние, чија музика се карактеризира со оригиналност и звук кој пулсира и парира на актуелната светска електронска продукција, се вели во најавата за настанот.
Како курирана музичка платформа основана од Мирко Попов и Андреја Салпе во 2019 година, во своето петгодишно постоење бележи 23 музички изданија, регистрирани на бендкамп платформата - „https://pmgtanzdigital.bandcamp.com/“.
„PMG Tanz Digital“ произлезе од работата на дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“, како специјализиран лејбл кој ги регистрира современите електронски музички текови, со фокус на домашни музички автори и им обезбедува платформа за поширока видливост и промоција.
Како што е најавено, настанот ќе се одбележи со електронска музичка програма во „P_inn“ во Старата скопска чаршија. За првпат со соло настап во живо ќе се претстави Андреја Салпе. Неговата музика освен за ПМГ Рекордингс и „PMG Tanz Digital“ е издадена и за странски дискографски куќи, а неговата потреба за креирање современ електронски звук е присутна и во работата, како дел од музичко-поетскиот проект „Поетроника“. Во рамки на програмата со диџеј сет ќе се претстави и Виолета Качакова. бт/аа/
Фото: „ПМГ Танц Дигитал“