МП: Работната група ги изготви предлог измените на Законот за Судски совет, врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ
- Министерството за правда информира дека Работната група ги изготви предлог измените на Законот за Судски совет, врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ, а кои се однесуваат на „индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постпаката, органот/телата кои ќе постапуваат и правото на жалба“.
Скопје, 11 јуни 2024 (МИА) - Министерството за правда информира дека Работната група ги изготви предлог измените на Законот за Судски совет, врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ, а кои се однесуваат на „индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постпаката, органот/телата кои ќе постапуваат и правото на жалба“.
Од Министерство за правда, посочуваат дека во досегашното спроведување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија беа лоцирани одредени недостатоци, за чие што надминување од страна на Оценската мисија на Европската Унија беа дадени конкретни предлози, по што Министерот за правда формираше Работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија согласно дадените препораки од Оценската мисија на Европската Унија, која што одржа 23 состаноци на кои беа адресирани релевантните препораки од Оценската мисија.
- Согласно Развојната секторска стратегија за правосудство предвидено е ревидирање на одредбите од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на индивидуалната дисциплинска одговорност на членовите на Советот со посебен фокус на дефинирање на причините поради кои може да се иницира постпаката, органот/телата кои ќе постапуваат и правото на жалба, се вели во соопштението од МП.
Исто така, се посочува дека во Стратегијата е предвидено да се постапи согласно препораките од извештајот од Оценската мисија на Судскиот совет, додека целта на законските измени е да се зајакне независноста на судството, како и професионалноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет.
Најважни новини кои се предлагаат во Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, а се засновани врз основа на насоките на Оценската мисија на ЕУ се:
1. На огласот на Собранието на Република Северна Македонија за избор на член на Совет, свои предлози за член да даваат:
-Интеруниверзитетската конференција, со кандидати од редот на редовни професори по право со професорски стаж од најмалку 20 години од првите три најдобро рангирани универзитети во државата;
-Адвокатската комора на Република Северна Македонија со кандидати од редот на адвокатите со адвокатски стаж од најмалку 20 години
2. .Зголемување на судискиот стаж од шест на 15 години како услов за членовите на Судскиот совет од редот на судиите
3. Зголемување на работното искуство од 15 на 20 години како услов за членовите на Судскиот совет избрани од Собранието на Република Северна Македонија
4. Регулирање на начинот на избор на членови на Советот од Собранието на Република Северна Македонија, следејќи го компаративното искуство за избор на членови во ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси
5. Воведување на изборен цензус за изборите на членови во Судскиот совет од редовите на судиите, и тоа за успешни да се сметаат изборите на кои излегле повеќе од половина запишани избирачи за таа изборна единица
6..Воведување на правило согласно кое за да биде избран член на Советот од редовите на судиите, кандидатот треба да добие повеќе гласови од половината од излезените гласачи, информираат од Министерство за правда.
Извештајот на Оценската мисија на ЕУ за функционирањето на Судскиот совет содржи 40 препораки, групирани во шест сегменти – структура и компетентност на самиот Судски совет, мандатот на неговите членови, процесот на селекција и изборот на судии, дисциплинските постапки, прашањето на транспарентност и комуникација со јавноста и ресурси и финансирање.
За 17 препораки, кои се однесуваат на подобрување на праксата и работењето на самиот совет и може да бидат спроведени, без никакви законски измени, Судскиот совет веќе направи измени на Деловникот за работа, како и на Правилникот за рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд, а усвои и нова Комуникациска стратегија за поголема транспарентност.
Останатите мерки, предвидуваат уставни или законски измени и се однесуваат на тоа кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот, дефиницијата „истакнат правник“, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот, одговорноста на членовите на Советот, како и образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии.
Оценската мисија на ЕУ беше составена од тројца правни експерти од Хрватска, Белгија и Италија и престојуваше во земјава во септември годинава, каде направи анализа на правната рамка и имаше средби со сите релевантни институции, како и експерти од невладиниот сектор. аа/са/
Фото: МП