МотоГП: Новата сезона почна со победа на Марк Маркез
- Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез (Дукати) е победник на првата трка од сезоната на Светскиот шампионат во Мото ГП која денеска се возеше во тајландски Бурирам.

Бурирам, 2 март 2025 (МИА) – Шпанскиот мотоциклист Марк Маркез (Дукати) е победник на првата трка од сезоната на Светскиот шампионат во Мото ГП која денеска се возеше во тајландски Бурирам.
Второто место на Големата награда на Тајланд го освои неговиот брат Алекс Маркез (Гресини Дукати), а третото место Италијанецот Франческо Бањаја (Дукати).
Осумкратниот светски шампион Марк Маркез претходно победи на саботната спринтерска трка и исто така беше најдобар во квалификациите. Совршениот викенд го заокружи со убедлива победа во класичната трка, докажувајќи со исклучителниот тркачки викенд дека на неговите конкуренти ќе им биде многу тешко во новата сезона пред која се пресели од Гресини, „сателитскиот“ тим на Дукати, во Дукати.
Марк Маркез во Бурирам ја прослави 63 победа во премиер класата, а вкупно 89 во кариерата.
„Вчера бев среќен, денеска сум пресреќен. Мојот сон е на овој начин да започнам нова приказна со Дукати, токму овде во Тајланд, каде последен пат ја прославив титулата светски шампион“, изјави Маркез по триумфот во Бурирам. ег
ФОТО: МотоГП/Икс