Мост во Хрватска покренува референдум против Ковид потврдите
- Партијата Мост во Хрватска денеска објави дека покренува иницијатива за собирање потписи за организирање референдум против воведувањето Ковид-потврди како услов за пристап до работното место
Загреб, 16 ноември 2021 (МИА) - Партијата Мост во Хрватска денеска објави дека покренува иницијатива за собирање потписи за организирање референдум против воведувањето Ковид-потврди како услов за пристап до работното место и државните и јавните институции.
„Иницијативниот одбор заедно со правни експерти веќе се состана и во моментов сме во фаза на прецизно дефинирање на референдумското прашање. Наскоро ќе ве информираме за сите детали од иницијативата“, објави претседателот на Мост, Божо Петров, на Фејсбук.
„Мост цврсто стои во одбрана на уставните вредности. Нема да дозволиме да ни се кршат уставните права со самоволни одлуки на Штабот, кој делува како параполитички орган“, се наведува во објавата.
Потпретседателот на Мост, Никола Грмоја во Собранието рече дека верува оти Ковид-потврдите немаат никаква смисла, не можат да бидат средство за спречување на ширење на инфекцијата, туку само инструмент за присилна вакцинација.
Тој го повтори ставот дека вакви одлуки треба да носи Собранието, а не Штабот за цивилна заштита.
„Ние сме против дискриминација и поделеност на луѓето, зошто едни да се тестираат, а други не“, рече Грмоја. паг/