• петок, 15 ноември 2024

Моравјецки ќе предложи мировна мисија во Украина на следниот самит на НАТО

Моравјецки ќе предложи мировна мисија во Украина на следниот самит на НАТО
Варшава, 18 март 2022 (МИА) - Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека на вонредниот самит на НАТО, Полска и формално ќе даде предлог западните сојузници да испратат мировна мисија на НАТО во Украина. Ваков предлог претходно беше одбиен и од НАТО и од САД, бидејќи мировните мисии би можеле да бидат повод за ескалација на војната доколку не се испратат со мандат од ОН и се реализираат откога же биде постигнат договор меѓу завојуваните земји, или барем примирје. - За овој предлог разговараме секаде каде што треба. На првиот следен Самит на НАТО, формално ќе го поднесеме предлогот. Министерот за одбрана Маријуш Блашчак веќе го изнесе тој предлог на средбата со министрите за одбрана на НАТО, изјави денеска Моравјецки на прес конференција во Варшава. Предлогот НАТО, или можеби поширока меѓународна коалиција, да испрати мировна мисија, но, вооружена, ја изнесе за време на посетата на тројцата премиери (на Словенија, Полска и на Чешка) во Киев во вторникот, шефот на полската владејачка партија Право и правда, вицепремиер за безбедност Јарослав Качињски. По разговорот на тројцата премиери со украинскиот претседател Володимир Зеленски, предлогот на Качињски, полската Влада прво го претстави како апел за Западот да направи нешто поконкретно за одбрана на Украина. Но, САД и НАТО го одбија веднаш, оквалификувајќи го како премногу контроверзна иницијатива, што би можела да ја вовлече Алијансата и светот во Трета светска војна со Русија. - Украина е суверена земја и нејзината согласност за мировна мисија ќе биде сосем доволна да се започне. Од гледиште на меѓународното право, тоа во ниту еден случај, нема да биде причина за војна за Русија, истакна денеска Качињски во интервју за провладин полски таблоид Супер Експрес, пренесува Бета. По предлогот на Качињски, Стејт департментот предупреди дека САД настојуваат да ги избегнат сите чекори што би ја продолжиле или прошириле војната во Украина, а, тоа секако би било присуство на американски војници во мисија во земјата. - Го поддржуваме секој мировен процес, го повикуваме Путин да ја повлече руската војска од Украина. Но, не планираме да праќаме војници на НАТО во Украина, подвлече во средата, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. бд/ссм/

Остани поврзан