• четврток, 14 ноември 2024

Модна ревија од Конкурсот за одржлива мода - симбол за борба против климатските промени

Модна ревија од Конкурсот за одржлива мода - симбол за борба против климатските промени
Скопје, 9 јуни 2021 (МИА) - Креативни дизајни - фустани и костуми создадени од студентите од факултетите за дизајн од целата држава, со употреба на само еколошки материјали, беа промовирани вечерва на оддржливата модна ревија во Музејот на современа уметност во Скопје. Дизајните се дел од Конкурсот за одржлива мода, а ревијата се одржа по повод Националниот ден на Обединетото Кралство, роденденот на кралицата Елизабета Втора. Конкурсот е организиран од страна на Британската амбасада во Скопје, а на него учествуваа студенти од факултетите за дизајн. Исто така, беше создадена и одржлива и еколошка облека за амбасадорката и заменик амбасадорот кои вечерва ги носеа на прославата на роденденот на Кралицата Елизабета Втора. Студентите ги покажаа своите креативни дизајни, користејќи еколошки материјали како што се органски и природни влакна, рециклирани материјали и полусинтетички влакна со мала потрошувачка на вода како што е лен. Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј во својот говор на завршувањето на ревија ги објавиосумте победници на Натпреварот за одржлива мода. Победниците се Магдалена Димковска од Технолошко металуршки факултет, Универзитет Свети Кирил и Методи - победничка и дизајнер на фустанот на амбасадорката Рејчел Галовеј, Ева Таневска од ФОН Универзитет – победничка и дизајнер на оделото на Заменик Амбасадорот Доминик Отвеј, Албулена Бафтиари од Институт за мода Изет Цури, трето место, Христијан Мледеновски од Европски Универзитет, Александра Китановска од ФОН Универзитет, Мирјана Јосифоска од ФОН Универзитет, Кристијан Арсовски од Технолошко металуршки факултет и Арта Мифтари од Институт за мода Изет Цури. Амбасадорката Галовеј истакна дека младите и креативните индустрии се едни од клучните фактори за менување на ставовите кон одржлив начин на живот, да ја зачуваат природата, ја поддржуваат обновливата енергија и присвојуваат еколошки практики. -Сакавме да го прикажеме тој ентузијазам. Го објавивме Конкурсот за одржлива мода за создавање одржлива и еколошка облека за мене и за заменик амбасадорот кои ги носиме на овогодинешната прослава на роденденот на Кралицата, рече амбасадорката Галовеј. Таа додаде дека добиле разновидни и неверојатни креативни дизајни, а студентите ги покажаа и еколошките материјали како што се органски и природни влакна, рециклирани материјали и полусинтетички влакна со ниска апсорпција на вода како што е ленот. -Тие исто така предложија и традиционални вештини како што е везењето и чипката кои би ги носеле нивните баби. Бев импресионирана од тоа колку беа креативни, истражуваќи за материјалите и процесот на производство, земајќи ги во предвид клучните принципи на циркуларната мода, за да не остават негативно влијание врз животната средина, рече амбасадорката на Обединетото Кралство. Одржливоста, порача, е важна за модата. Како што посочи, не само што спречува текстилната и модната индустријата да влијаат негативно на околината, туку создава нови зелени работни места и помага да се смени разговорот околу животната средина. -Она што ги зближува нашите општества се луѓето кои не спојуваат како алки во синџирот. Би сакала лично да им се заблагодарам на нашите победници Магдалена, Ева, Кристијан, Христијан, Албулена, Арта, Александра, Мирјана и сите други студенти по моден дизајн за нивниот придонес, а особено за тоа што ни се придружија на нас, Обединетото Кралство во борбата против климатските промени, додаде таа. Амбасадорката Галовеј потсети дека во ноември оваа година, Обединетото Кралство ќе ги пречека земјите од светот во Глазгов на 26-та конференција на ООН за климатски промени, COP26. -Ова е нашиот момент да го вратиме светот на вистинскиот пат да се справи со огромната закана од климатските промени и да изгради почиста, посветла иднина за сите нас. Времето за акција е СЕГА. Обединетото Кралство и Северна Македонија ја продлабочија соработката и продолжуваме со зајакнување на нашата билатерална соработка во борбата против климатските промени, рече Галовеј. Потстеи дека во април годинава, Северна Македонија го усвои Националниот определен придонес (НДЦ) на Парискиот договор, поставувајќи амбиција да се постигне 51 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови (СГ) до 2030 година, во споредба со нивото од 1990 година. -И покрај предизвиците, и честитам на Северна Македонија за тоа што има толку амбициозни цели бидејќи е важно земјата да се движи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои што нема да му наштетат на нејзиниот кревок екосистем. Обединетото Кралство силно ја поддржува Северна Македонија на овој пат кон одржлива енергија и почиста и позелена иднина, рече Галовеј. И министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој денеска присуствуваше на настанот, ја поздрави оваа можност за заедничка соработка, како и поддршката од Обединетото Кралство. Како што посочи, борбата за климатски промени не е прашање на амбиција туку на неопходност.бт/лв/ https://www.youtube.com/watch?v=GnHlNdTqMrg  

Остани поврзан