• понеделник, 23 декември 2024

Мобилната игра „Ејџ оф емпајрс“ пристигнува во октомври

Мобилната игра „Ејџ оф емпајрс“ пристигнува во октомври

Лос Анџелес, 19 авгyст 2024 (МИА) - Развојот на стратешката видеоигра „Ејџ оф емпајрс“ за на мобилен телефон (Age of Empires Mobile) трае веќе извесно време, но сега е речиси подготвена за продажба, објави „Мајкрософт“ (Microsoft).

„Ти-Ми студиос“ (TiMi Studios) и „Ворлд'с еџ“ (World's Edge) потврдија дека играта ќе биде достапна „глобално“, т.е. ширум светот од 17 октомври оваа година. Но, во овој случај, „глобално“ не се однесува буквално на секоја земја, односно гејмерите ќе мора да чекаат конкретни податоци за секое подрачје и земја во коишто пристапот ќе биде овозможуван.

Позитивната страна за љубителите на стратешки видеоигри за на паметен телефон, е тоа што мобилната „Ејџ оф емпајрс“ е градена и развивана „од нула“. Тоа значи дека нуди нови и различни режими за еден играч, боишта од повеќе места во светот и различни историски епохи, реален и интерактивен терен, како и опции за избор на временски услови и управување со повеќе војници со микроконтрола во реално време.

Изборот вклучува разни личности - војсководци од секоја историска ера: Фридрих I Барбароса, Дариј III Велики, Хамураби, Леонидас I и многу други. Заинтересираните веќе можат да се регистрираат преку официјалната страница на играта, а досега тоа го направиле повеќе од милион гејмери.  си/ссм/

Фото: „Age of Empires Mobile“ - официјална страница, фотоисечок

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан