• понеделник, 23 декември 2024

МНР со протестна нота до Софија: Секоја провокативна и навредлива изјава бара реакција

МНР со протестна нота до Софија: Секоја провокативна и навредлива изјава бара реакција
Скопје, 19 октомври 2022 (МИА) - Провокативните и навредливи изјави кон граѓаните на Република Северна Македонија кои доаѓаат од личности од политичката сфера и од институциите во Бугарија бараат реакција, оцени вчера во Скопје словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон на заедничката прес-конференција со нејзиниот домаќин, шефот на дипломатијата Бујар Османи. Фајон ја поддржа вербалната нота на министерот Османи на најновата провокативна изјава на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, нагласувајќи дека во слична ситуација би реагирала исто. - Станува збор за навреда кон граѓаните на Република Северна Македонија и јас бев сведок и ги осудував неговите активности и изјави. Сите тие провокации во период кога државите обезбедуваат една позитивна средина во вакви услови, ги повикувам сите пријатели во соседна Бугарија да се воздржат од несоодветни коментари кои внесуваат раздор, нерасположение и конфликти помеѓу населението, рече Фајон на новинарско прашање како го оценува однесувањето на Џамбаски, кој се обрати пред карта на голема Бугарија и упати навреди кон премиерот Димитар Ковачевски и кон македонскиот народ. Министерот Османи најави дека Скопје ќе реагира со протестна нота до официјална Софија по повод изјавата на Џамбаски и истакна дека очекува реакција и од бугарските власти. - Ќе реагираме со нота по однос на изјавата на европратеникот како говор на омраза којшто според сите и меѓународни и билатерални договори коишто ги имаме со ЕУ е основа за да се реагира и причина да се реагира. Иако се обидувавме во овој период да го игнорираме затоа што целта на европратеникот е да ги искористи тие реакции за себепромоција, овој пат навистина ги надмина сите граници на провокација и тука мора да реагира и бугарската држава и сите бидејќи тоа се веќе територијални претензии и навредлив говор кон народ, кон етнички заедници и тоа сигурно нема да го премолчиме, рече Османи во одговор на новинарско прашање. Во вербална нота на МНР, се изразува крајно незадоволство од неодамнешните јавни изјави на членот на Европскиот парламент и ко-претседател на политичката партија ВМРО – Бугарско национално движење (ВМРО-БНД), Џамбаски, кој во повеќе наврати изразува иредентистички и територијални претензии кон Република Северна Македонија и упатува тешки навреди кон угледот на високи државни претставници. - Упатувајќи закани и тешки навреди, повредувајќи го достоинството на Република Северна Македонија и нејзините граѓани, г. Џамбаски се однесува спротивно на заложбите и стремежите изразени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, наведува МНР во нотата. Министерството посочува и дека соодветно на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, по ова известување, очекува државното раководство, Владата и Министерството за надворешни работи на Бугарија да го осудат и да се оградат од изјавите на Џамбаски. - Истовремено, Министерството за надворешни работи би ги ценела евентуалните активности преземени од надлежните институции на Бугарија за преземање мерки за превенција на вакви и слични однесувања, додава МНР. Во однос на реакцијата кон копретседателот на бугарскиот тим во Историската комисија Ангел Димитров, Османи истакна дека секоја негова изјава како министер за надворешни работи е и официјална реакција на МНР, а со тоа и на државата бидејќи тој ја претставува државата. При тоа подвлече дека треба да видиме како ќе се рефлектира реакцијата понатаму, а доколку продолжат негативни трендови најави дека ќе има и други комуникации. - Планирам сите овие работи да ги отворам. Од Бугарија немам ништо, изјави Османи во одговор на новинарско прашање дали ќе побара смена на копретседателот на Историската комисија Ангел Димитров за неговите изјави од неделата. Османи во неделата во коментар на тврдењето на Димитров дека земјава не се однесува како кандидат за членство во ЕУ, изјави дека Димитров не е политичар, туку е историчар и му препорача да се занимава со историја, а не со политика, посочувајќи дека еден од основните принципи на Договорот со Бугарија е овие две работи да бидат поделени - политиката на политичарите, а историјата на историчарите. Во однос на информациите од дел од медиумите, дека Советот на Општина Благоевград го забранил отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и како тоа ќе се одрази на бугарските клубови во земјава, Османи изјави дека нема детали за информацијата, а штом ќе ја види ќе ја коментира. По однос на бугарските клубови во земјава и провокативните именувања, тој го повтори ставот дека тоа е на штета воопшто на сите граѓани во Северна Македонија, но пред сè, на штета на бугарската заедница. - Навистина би сакал ова ново поглавје отворено во односите со Република Бугарија, бугарската заедница да ги искористи да се етаблира, да се интегрира, да се промовира, а државата е спремна да овозможи таа интеграција и промоција на правата на граѓаните за спречување на дискриминација на кој било граѓанин по однос на етничка основа. Кој тоа ги мести со овие постапки навистина не можам да разберам. Дури на почетокот чувството ми беше дека тука е инволвирана некоја трета страна која што сака да ги киднапира односите, која што сака да и наштети на бугарската заедница. Навистина треба и да се разговара со нив за да се укаже дека провокацијата на другите народи, провокација на граѓаните, именувања коишто не се соодветни не им помага во етаблирањето и во интегрирањето на бугарската заедница овде во Северна Македонија, рече Османи. По однос на законот за здруженија и одредбата за потреба за усогласување на веќе регистрираните здруженија согласно постоечките закони, Османи вели тоа треба од правен аспект да се види дали може да важат законски решенија ретроактивно. - Јас не сум правник, меѓутоа потребата во рок од три месеци да се ревидираат, тоа е ретроактивно на некој начин важење на законот. Тука не можам од правен аспект да кажам. Од политички аспект ќе треба убаво да се анализира како ќе се рефлектира. Би сакал законот да важеше од денеска па натаму, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи. Од ВМРО - Народна партија, пак, вчера соопштија дека со внимание ја следат дискусијата помеѓу власта и опозицијата во контекст на промената на Законот за здруженија и фондации со што ќе се забрани вметнување на имиња на докажани фашистички соработници во називите на здруженијата. При тоа партијата ги потсетуваат и двете страни дека фашизмот и комунизмот како две тоталитарни општества од страна на ЕУ кон која се стремиме да одиме ги има поставено на иста позиција. - Сакаме да потсетиме на Резолуцијата 1481 на Советот на Европа од 2006 година и уште повеќе на резолуцијата на Европскиот парламент од 2009 година, каде и со двата акти е јасно дека во очите на Европската унија двата системи се исти. Затоа сметаме дека секоја промена на овој Закон треба да биде во согласност со духот на Европската унија, велат од ВМРО-НП. Пратениците од власта и опозицијата во Собранието завчера едногласно дадоа поддршка по скратена постапка да бидат донесени законските решенија со кои се забранува формирање здруженија и партии со спорни имиња и идеологии. Со 84 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан, пратениците од власта и опозицијата дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ. Но, исто така едногласно, со вкупно 76 гласа „за“, беше дадена поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од СДСМ. Според предложениот текст на Законот поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ организации, здруженија, фондации, сојузи и други форми на здружување регистрирани согласно одредбите на Законот за здруженија и фондации се должни во рок од три месеци од стапување во сила на законските измени, да го усогласат своето име и/или назив, цели и дејности согласно наведените одредби. Според Законот, пак, предложен од СДСМ јасно се подвлекува дека целта не е против никакво здружување, туку одбрана на нашите темели, односно антифашистичките вредност. Се предлага политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам. Предложените законски измени на двете партии следат по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански здруженија и организации, поради, како што оцени премиерот Димитар Ковачевски, постојното либерално законодавство во однос на формирање граѓански организации и здруженија. вг/сп/

Остани поврзан