• недела, 22 декември 2024

Многумина не ја знаат приказната за куќата во која е спасен животот на Кемал Ататурк во кавадаречко Дабниште

Многумина не ја знаат приказната за куќата во која е спасен животот на Кемал Ататурк во кавадаречко Дабниште
Кавадарци, 18 април 2021 (МИА) - Според усните преданија, пред повеќе од еден век,  Мустафа Кемал Ататурк, пред Младотурската револуција, како млад офицер, преживеал во засолниште во Кавадаречко,  кое му го обезбедил Атанас Ајзовски од селото Дабниште, за што подоцна од таткото на Турција Ататурк, добил подароци, меѓу кои и пушка „винчестер“. Тепан и понижуван, но не го предал револуционерот скриен меѓу волната од кошарата. Гости од Турција во изминатиов период пред пандемијата од коронавирус доаѓаа во кавадаречкото село Дабниште, импресионирани од приказната за Атанаско, кој своевремено го спасил од смрт основачот на модерна Турција, Кемал Ататурк. Настанот се случил пред повеќе од еден век, пред Младотурската револуција. Турците изразуваа желба да ги видат селото и остатоците од објектите во кои своевремено бил засолнет таткото на Турција. -Точно е дека расте интересот на турски државјани, без разлика дали имаат потекло од Македонија или не, за селото Дабниште и за местото на кое своевремено бил криен Ататурк, со цел да се спаси неговата глава, уште пред неколку години, ми рече поранешниот градоначалник на Кавадарци, Александар Панов. Дабниште е село кое се наоѓа осум километри југозападно од Кавадарци. Во годините по Илинденското востание таму живееле четворица браќа Ајзовски, од кои најстар бил Атанас, како што тврдат неговите потомци, висок скоро два метра, вистински горовит. -Една вечер во 1908 година главниот на селото го повикал мојот прадедо Атанаско во беговата кула. Го замолил привремено да засолни негов пријател, по кого Турците имале распишано потерница. Прадедо ми го ставил гостинот во кошарата исплетена од лескови прачки. Го советувал да се покрие со волната што била таму. Така го скрил во долниот дел од куќата. Прадедо ми дење си ја гледал стоката и си работел по лозјата, а навечер разменувал по некој лаф-муабет со гостинот, за МИА раскажа Марјанчо Методиев од Кавадарци, еден од потомците на Атанас. Набргу потоа стигнал аскер во селото. Пред земникот на Атанас бил арот со коњите и говедата. Меѓу нив имало една кобила на која никој не можел да и се приближи оти многу клоцала. Тоа била среќна околност за скриениот гостин. Војниците безмилосно го тепале домаќинот барајќи да каже за дојденецот во селото. Постарите раскажувале дека во селото биле тепани и Лазо Темов, Јованче Кузманов, Станоја Сејменов и други. -Заптиите го врзале прадедо ми Атанас со јаже за вратот и така врзан за еден коњ го однеле до селото Гарниково каде што продолжиле да го тепаат и понижуваат. Утредента, мислејќи дека е готов, го растркалале по ридот како да е вреќа, а подоцна случајно го нашол селанец кој одел кон воденицата. Едвај преживеал, а го лекувале ложејќи го со кромид и сол и со топли кожи од овци, раскажува правнукот на Атанас. Дотогаш Атанас не знаел кого крие, но подоцна дознал дека младиот офицер всушност бил еден од организаторите на Младотурската револуција од битолскиот гарнизон. Нивната разделба била срдечна, особено поради фактот што Мустафа видел низ што се минал неговиот домаќин, без да го предаде, иако воопшто и не го познавал.  „Винчестерката“ од Ататурк во музеј  Поминале неколку години, но и покрај државничките обврски кои подоцна ги имал, Мустафа Кемал не го заборавил Атанас од Дабниште. Најпрвин му испратил подароци, меѓу кои и пушка „винчестер“, кована со сребрени апликации. Атанаско ја чувал пушката како нешто најдраго. -Во 1924 година мојот прадедо добил писмена покана да му биде гостин на Мустафа Кемал во Анкара. Долго го носел писмото во својот појас. Имал голема желба да го види младиот и славен државник, но на 78-годишна возраст не се охрабрувал да тргне на далечен пат. Кога во 1934 Мустафа Кемал го добил звањето Ататурк или татко на современа Турција, уште еднаш го поканил и му се заблагодарил на својот спасител, праќајќи му повторно подароци, тврди Методиев. За оваа приказна знаат и во кавадаречкиот музеј. -Приказната со години се пренесувала од колено на колено во Дабниште. Таа има свое место и во монографијата „Дабниште низ вековите“ од Цвета Трифунова, на која бев еден од рецензентите, вели историчарот Петре Камчевски, хроничар на Кавадарци и Тиквешијата. Судбината сакала Атанас и Мустафа Кемал Ататурк да умрат во истата 1938 година, првиот како стогодишен старец, а вториот на 57-годишна возраст. Во Музеј-галеријата на Кавадарци се наоѓа пушката „винчестер“ произведена во САД во 1897 година. За неа постои предание дека е тоа оружјето кое Мустафа Кемал му го подарил на Атанас. Историчарот Петре Камчевски, потврди дека според кажувањата на постарите, таа пушка Ататурк му ја подарил на Атанас од Дабниште. Кај многу гости на музејот низ годините, таа предизвикувала внимание, а се случувало  да дојдат  да ја видат и да ја фотографираат турски државјани кои престојувале во Тиквешко. -Пушката со години била чувана во семејството Ајзовски. Нејзиното чување потоа продолжило во домот на учителот во селото Дабниште, илинденецот Пане Поп Коцев од Ваташа. Ќерката на Поп Коцев инаку била мажена за Мито Хаџивасилев Јасмин. Неговиот син, пак, новинарот Велко Поп Коцев, пред педесетина години ја предал пушката во кавадаречкиот музеј, откри Камчевски за МИА. Една уметничка слика предизвика особено внимание неодамна на изложба во Дом на култура Кавадарци. На неа е претставена куќа од Дабниште. -Многу луѓе не знаат дека во таа куќа му е спасен животот на Кемал Ататурк, рече ликовниот уметник Лазар Дојчинов, на отворањето на неговата најнова ликовна изложба. Дел од соговорниците на МИА беа децидни, дека приказната за Атанас кој го спасил Кемал Ататурк, меѓу другото, е добар потенцијал за иден развој на историски туризам во Тиквешијата. Светлана Дарудова

Остани поврзан