• понеделник, 23 декември 2024

Млади новинари на летен камп за безбедност во Охрид

Млади новинари на летен камп за безбедност во Охрид

Охрид, 12 јули 2023 (МИА) - Според мапирањето на млади новинари во земјава, старо речиси година и половина, изработено од Здружението на новинари на Македонија, има околу 107 млади новинари во државата. Овој податок го изнесе извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, на почетокот на летниот камп за безбедност на млади новинари, што се одржува во Охрид, во организација на ЗНМ и во соработка со ОБСЕ.

Секуловски појасни дека по одредени параметри, земени од дефиницијата на Европската комисија, за користење на младински програми, тоа се лица до 35 години кои имаат ангажман или самостојно работат. 

- Во Македонија нема регистар на новинари бидејќи тоа е слободна професија, не е коморски здружено. Врз основа на праксата и базата на нашите податоци, цениме дека има околу 1.200 новинари што значи дека младите во секторот, се помалку од десет проценти, рече Секуловски.

На летниот камп во моментов се 20 проценти од младите новинари од државата.  

Секуловски додаде дека токму преку различни активности се обидуваат да најдат начин да им се даде поддршка на младите новинари да бидат посветени во својата работа, а истовремено да се поттикне интересот и кај останатите млади за оваа професија.

Кога станува збор за безбедноста на новинарите, Секуловски оцени дека има прогрес и потсети дека од 2013 година ЗНМ води и регистар за напади кон новинарите. 

- Редовно се обидуваме институционално да ги третираме прашањата што се врзани за безбедноста на новинарите. Мило ми е да кажам дека има некаков прогрес, а тој прогрес пред се го гледаме низ бројки, рече Секуловски, нагласувајќи дека се обидуваат безбедноста на новинарите да биде на високо ниво. 

Оваа година, како што беше посочено, имало еден посериозен напад, пред неколку дена. На годишно ниво изминатите години се регистрирани десетици напади.

Целта на летниот камп е преку дружење и размена на искуства и практични вештини да се придонесе кон подобрување на безбедноста на новинарите, преку промовирање на подобра соработка меѓу колегите, споделување на локално искуство и подобро разбирање на родовите димензии на безбедноста. Клучен акцент ќе биде даден на физичката и дигиталната безбедност за новинарите, професионалните вештини и знаењата за новинарската етика и улогата на новинарите во одбраната на човековите права користејќи темелни новинарски техники, нови пристапи и дигитални мултимедијални алатки. бд/бак/


Фото:  МИА

Остани поврзан