• петок, 05 декември 2025

Младите земјоделци од Кумановско заинтересирани за повикот за финансиска поддршка

Младите земјоделци од Кумановско заинтересирани за повикот за финансиска поддршка

Куманово, 2 мај 2025 (МИА) - Младите земјоделци од поширокиот кумановски регион покажале интерес за аплицирање на јавниот повик наменет за млади земјоделци од програмата за финансиска поддршка на руралниот развој, информираа денеска од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството од регионалното одделение Куманово.

- Близу 40-тина млади земјоделци дојдоа во канцеларијата, се интересираа за повикот, за условите дали и колку ги исполнуваат и за што е најдобро да аплицираат. Поддршката е одлична, наменета за младите земјоделци, млади по возраст и млади по регистрација. Очекуваме да аплицираат. Повикот е отворен уште неколку дена, изјави Џабир Рамадани, земјоделски инженер и раководител на одделение Куманово на Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделство.

Средствата се наменски, дел се исплаќаат авансно. Во 2023 година од Кумановско аплицирале околу 50-тина млади земјоделци.

Поддршката се доделува на млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години кои поднеле барање не повеќе од 18 месеци од денот на регистрација на стопанството во единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Доделената финансиска поддршка е неповратен грант од 600.000 денари, односно стопроцентни од направените трошоци. Поддршката се доделува во вид на авансна исплата до 40 отсто од вкупната вредност на одобрениот износ, а остатокот се исплаќа по реализација на инвестицијата.

Скоро 40 земјоделци од Куманово, Липково и Старо Нагоричане аплицирале и за ИПАРД.

- Немам прецизна бројка, но земјоделците уште пред да биде објавен повикот, доаѓаат и се интересираат за ИПАРД кој го користат за различни намени. Од нашите средби увидовме дека има интерес за сè, од набавка на механизација, до миксери за преработка на храна, до изградба на објекти. Нè радува што има различни апликации, ќе видиме колку ќе бидат одобрени, изјави Рамадани.

Земјоделците од регионот аплицирале за различни суми од 20.000 па сè до 80.000 евра. ам/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан