• петок, 22 ноември 2024

Мицотакис: Надежта го победи песимизмот, а единството ја победи поделбата

Мицотакис: Надежта го победи песимизмот, а единството ја победи поделбата

Атина, 21 мај 2023 (МИА) – Надежта го победи песимизмот, а единството ја победи поделбата; Нова демократија доби одобрување од граѓаните, кои побараа еднопартиска и силна Влада, беа пораките што ги упати грчкиот премиер и претседател на Нова демократија Кирјакос Мицотакис по убедливата победа на неговата партија на денешните парламентарни избори во Грција, кој ја карактеризираше како „политички земјотрес“, јави дописничката на МИА од Атина.  

Истакна дека резултатите покажале дека граѓаните ги препознале важните чекори на напредок, но и паралелно, како што рече, побарале, да се движат побрзо кон напредок, кон реформи, повисоки плати, повеќе работни места, подобар здравствен систем за силна и безбедна Грција.

-Динамиката на резултатот е повеќе од јасна: граѓаните сакаат силна влада, со хоризонт од четири години, со похрабри промени за да можеме брзо да го покриеме изгубеното што сè уште не дели од Европа. Јас сум првиот што знае колку работа имаме сега пред нас. Потребна ни е Влада која навистина верува во реформите, но и способна да ги спроведе, истакна Мицотакис.

Со оглед на тоа што Нова демократија добива 145 пратеници и не го обезбеди потребниот минимум од 151пратеник за да формира еднопартиска Влада, Мицотакис рече дека ќе ги следи чекорите предвидени од Уставот, па така веројатно дека земјата ќе оди на втори избори.

-Продолжуваме, стабилно, храбро и само наред, порача Мицотакис на крајот од изјавата, што всушност беше и предизборниот слоган на Нова демократија.

Според официјалните податоци од грчкото Министерство за внатрешни работи со пребројани 90 отсто од гласовите, Нова демократија е победник на изборите со 40,8 отсто, 20 повеќе од СИРИЗА. ср/рп/

Остани поврзан