• среда, 17 јули 2024

Мицкоски: Состојбата со Буџетот е алармантна, недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа

Мицкоски: Состојбата со Буџетот е алармантна, недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа

Скопје, 16 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вели дека состојбата со Буџетот е алармантна и дека недостигаат пари за што истражните органи ќе имаат многу работа во следниот период. Пари за ветеното зголемување на пензиите, вели дека ќе има. 

Во централниот дневник на телевизија „Сител“, Мицкоски рече дека за „Национални шуми“ каде вработените немаат земено плата четири месеци, потребни се од 250 до 300 милиони денари, за „Водовод“ од 60 до 100 милиони денари, а недостигаат и три милијарди и 700 илјади денари за земјоделците. 

- Направиле Буџет за шест месеци како да знаеле дека нема да бидат повеќе Влада па се труделе што повеќе проблеми да и остават на новата Влада така што милијарди и милијарди денари останале непокриени. Има законски обврски кои морале да ги направат, не ги предвиделе во Буџетот и.т.н. но мислам дека периодот што следи истражните органи ќе имаат многу работа, рече Мицкоски. 

Милијарда и 200 илјади денари, според Мицкоски, треба да се платат и по основ на казни поради тоа што некои од министрите ги прераспределувале вработените во институциите надвор од законот.

Во однос на изградбата на автопатските делници за што претходната влада потпиша договор со „Бехтел и Енка“, Мицкоски рече дека реализацијата е околу четири до пет милијарди и дека не се решени имотно-правните односи иако државата се обврзала дека тоа ќе го заврши до средината на минатата година. 

- Државата презела обврска дека ќе треба да го отвори теренот за работа за компанијата изведувач до средината на минатата година. Од средината на минатата година до сега тоа што треба ние како пенали да го платиме кон изведувачот, доколку одлучи да го фактурира, е околу 36 милиони евра односно три милиони евра месечно треба да плаќаме, рече Мицкоски.  

За заемот од 500 милиони евра од Унгарија, Мицкоски рече дека тоа била најдобрата понуда во моментот и дека отворени се за разговор со секоја финансиска институција која ќе даде подобри услови. Смета дека со заемот од Унгарија не би требало да се нарушат односите со меѓународните финансиски институции. 

- Жалам што опозицијата не најде за сходно да го пофали потегот и да честита. Тоа што го гледав повеќе личеше на трагична комедија. Тоа е подеднакво трагично како што велат овие инвестции што Мицкоски ги најавува, ние ги работевме, ама не успеавме да ги срабтиме, па мораше да дојде Мицкоски со неговите соработници да ги сработи. Парите немаат боја, ниту национална припадност. Нека ни дадат други држави подобри услови, ќе ги земеме од таму, рече Мицкоски. 

За платите на функционерите кои со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 проценти, Мицкоски рече дека  проблемот треба да се реши системски. бак/ев/

Фото: Влада 

 

 

Остани поврзан