• вторник, 19 ноември 2024

Мицкоски: Сарамандов ќе донесе промени во Гевгелија

Мицкоски: Сарамандов ќе донесе промени во Гевгелија
Скопје, 24 август 2021 Добро вечер Гевгелија, Добро вечер за градот на сонцето, градот на убавите луѓе, градот кој што ја направи Македонија изминатите години, но за жал последните 4 години овој град, како и самата наша Македонија за жал стагнира. Добро вечер ВМРО-ДПМНЕ, добровечер браќа и сестри, Гевгелија носи посебно место во нашите срца. Ова е градот каде во исто време мириса на планинскиот воздух од Кожув, и на медитеранските струи од југот. Но од вечерва, има и еден друг мирис, тоа е силно изразен а тоа е мирисот на промените. Во Гевгелија тие ќе се случат затоа што тоа народот го бара и посакува, а промените ќе се случат затоа што е време. Гевгелија раѓала грамадни големини низ времето. Овде луѓето на организацијата биле страв и трепет за поробувачите. Историски Македонија ги памети синовите и ќерките на овој град, како војводите Аргир Наков Манасиев, Леонид Јанков, партизаните Јосиф Јосифовски, Иван Дојчинов. Но и оние кои со перо се бореа за каузата и оставаа дела зад себе како Илија Џаџев, Камберски, Старделов и други. Овие имиња ги изговарам и на нив потсетувам само за да го доловам богатството на нашиот идентитет, затоа што оваа почва раѓала јунаци подготвени за пушка, но и со перо и хартија да се борат за своите идеали. Не помала задача имаме и ние современиците денес. Помина тоа време кога пушката имаше значење, но овој пат наша задача е да ја извадиме земјата во хаосот и апатијата во која е фрлена и оставена од неодговорните и неспособни луѓе. Апатијата во која се наоѓа Македонија не е само последица од една грешка или повеќе грешки, туку од еден континуитет на погрешни одлуки и владеења кои оставаа белег на секоја една генерација млади луѓе. За жал имаме општество каде се владее преку делби и конфликти, а секоја акција во тој поглед подразбира и соодветна реакција. Така во животот. И се та така се врти во еден ист магичен круг. И затоа народот си мисли се најлошо за нас политичарите, не само за нас политичарите туку и за политиката како таква и често пати кога зборуваме за нас политичарите и политиката на народот му доаѓа чувство на гадење. А што друго би помислиле кога секој ден слушаме афери, скандали, неправди... И една сеопшта психоза каде актуелната власт се претвора во убиец на секоја надеж. Тие сакаат да ја убијат секоја надеж за да не гледате и расудувате јасно и да мислите дека буквално сите ние сме исти. Но не е така, не сме сите исти. Сето ова е надополнето со една кампања на релативизирање. Релативизирањето кое го прават само за да замајат едно наше искрено чувство на поинаква перцепција. На што точно мислам ќе објаснам пластично. Ќе излезе некој огромен скандал, а такви имаме на дневна основа. Било да се провизии за вакцини, лажни пасоши, некој директор фатен со туце пари или нешто слично. Тука се гласноговорниците на власта, да потсетат и набедат дека тоа не било толку лошо, затоа што се правело и порано, а тоа што било порано како по дефиниција го опишуваат како најлошо. Но не им верувајте. Тоа е рецептот да си помислите, а и вие самите да се убедите дека сите се исто зло се сите. Да ви кажам, не сум ниту судија, ниту полицаец, и народот добро споредува и оценува кој што правел, но знам дека на сцена имаме нова генерација на политичари во ВМРО која ќе го победи овој режим од власт, и оваа стагнација и апатија и песимизам. И затоа стојам овде пред вас и барам доверба за овие луѓе. И да ви кажам уште една работа, можат да проговараат за многу работи, но на ВМРО за денес, или било кога порано не може да му проговараат за една работа, а тоа е дека сме способни, подготвени и работливи. Помножено сто пати повеќе во однос на оваа неспособна власт која што денеска пустоши во Македонија и овде во Гевгелија, и она што ВМРО-ДПМНЕ како проект ќе го осмисли, науми, тоа и ќе го реализира. Никогаш не се плашиме од работа. Затоа денес сме тука во Гевгелија. Доаѓаат локални избори кои се многу повеќе од локални.  И сакам да испратам неколку пораки до нашиот кандидат Андон Сарамандов кој е најдоброто решение за Гевгелија. И овие пораки како тоа што го започнав сакам повторно да ги пренесам преку едно отворено писмо каде што на крајот од овој мој говор ќе биде затворено во плико и ќе му биде него предадено. Ова писмо до идниот градоначалник на Гевгелија е моето, нашето заедничко верују, нашата тврдина од која што нема повлекување. Нашиот завет пред народот на Гевгелија и Македонија. Драги гевгеличани, драги пријатели, Доне Сарамандов или Андон Сарамандов нашиот кандидат за градоначалник е лицето кое ќе донесе промени во Гевгелија. Знам колку вреден и чесен човек е Доне, сме имале можност заедно да работиме. Доне има план и визија за развој и ќе донесе навистина решенија на многу проблеми. Туак сме сите ние кои што тимски ќе работиме да му помогнеме. На овие локални избори одлуката е помеѓу неспособна власт и нови способни, мотивирани луѓе. Луѓе кои што сакаат да работат за народот и да ги придвижат работите. Помеѓу силно корумпирани шерифи кои јас ви ветувам дека ќе одговараат и чесни и честити луѓе. Одбирате помеѓу оние кои прават поделби и оние кои е работат за сите луѓе. Затоа ние велиме Македонија е за сите луѓе. Гевгелија е за сите луѓе. Допрва доаѓа најдоброто и затоа не очајувајте и немојте да губите надеж. Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан