• сабота, 23 ноември 2024

Мицкоски: Од 2016 година сопственик на шпанската компанија „Ептиса“ е кинеска компанија

Мицкоски: Од 2016 година сопственик на шпанската компанија „Ептиса“ е кинеска компанија
Скопје, 9 март 2023 (МИА) - Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека од 2016 година сопственик на шпанска „Ептиса“ е кинеска компанија и во нејзиниот менаџмент генералниот директор на компанијата е Кинез.
 
Мицкоски ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на општина Босилово и општина Ново Село. Тој ја коментираше вчерашната изјава на вицепремиерот Артан Груби во врска со работењето на една од фирмите, вклучени во надзорот за градба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум  „Бехтел и Енка“.
-Јас обелоденив на изјава дека компанијата којашто е дел од од Конзорциумот ЕПТИСА компанија која што доаѓа од Шпанија од страна на Владата со заклучок во 2020 година, не ме фаќајте точно за збор, мислам октомври или ноември месец има препорака до општините и до државните институции поради нејзино незаконско, неетичко однесување да биде исклучена од изборот за договори поголеми од милион евра. Исто така, има записник од истата Влада во февруари 2021 година сите важечки договори со истата оваа компанија ЕПТИСА да бидат раскинати и еве ќе кажам нешто ексклузивно можеби денеска од овде, а тоа е ако зборуваме за компании кои што имаат источен капитал, тогаш треба да бидеме до крај чесни, бидејќи Владата вчера обвинуваше и тогаш претпоставувам дека мислеше на самата себе, бидејќи од 2016 година сопственик на шпанската компанија ЕПТИСА е кинеска компанија и во менаџментот на ЕПТИСА односно генералниот директор на компанијата е Кинез, сопственичката структура, сопственик повторно е кинеска компанија. Е сега ако има некоја држава по источно од Кина тогаш треба да прецизираат која е таа. Така што, кога ја лажат македонската јавност треба да се свесни дека се лажат и себеси, истакна Мицкоски.
 
Мицкоски рече дека ова е прв случај во светската историја во кој кинеска компанија врши надзор на работи кои ги врши американска компанија.
 
И премиерот Димитар Ковачевски и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби вчера на прес-конференцијата во Владата изјавија дека за законитоста на постапката одговараат сите институции кои биле задолжени за избор на надзор и изведувач и оти се е пропишано во Законот за проектот, а најголема гаранција за изведувањето се референците и проектите на изведувачот, во Косово, Албанија, Хрватска,Србија.

Груби кој е задолжен за координирање на проектот повтори дека секој сомнеж вклучително и на опозицијата може да се претстави пред Обвинителството. Постапката за избор на надзор, наведе тој, е пропишана во законот што беше донесен во Собранието, а ја спроведе Јавното претпријатие за државни патишта.

-ИРД беше избран за надзорот на најтранспарентен начин, ги помина сите проверки и процесот заврши најлегитимен начин. „Ептиса“ промени сопствеништво и не е истата од 2020, рече Груби, дополнувајќи дека ИРД е присутна со работа во државава преку повеќе проекти. 

За изградбата на четири автопатски делници вчера во Владата беше потпишан договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“, додека надзорот ќе го врши ИРД.  

Според договорот што беше потпишан вчера во Владата, конзорциумот „Бехтел и Енка“ на 22 април годинава треба да биде воведен во работа за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар (17,5 км) Гостивар - Букојчани (30,3 км) и Прилеп -Битола (39,3 км), а на 12 декември и на делницата Требеништа -Струга -Ќафасан во должина од 21,7 километри. 

За изградбата на автопатските делници во вкупна должина од 108,8 километри во вредност од 1,3 милијарди евра, изведувачот доби обврска сам или преку домашни проектански фирми и компании истовремено да проектира и да гради. ац/лв/

Остани поврзан