• среда, 19 февруари 2025

Мицкоски: Наместо европеизација на Балканот се случи балканизација на Европа- Македонија мора да добие извесност во напредокот кон ЕУ

Мицкоски: Наместо европеизација на Балканот се случи балканизација на Европа- Македонија мора да добие извесност во напредокот кон ЕУ

Скопје, 15 февруари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на панел дискусијата Геостратегија и енергетска сигурност во рамки на Минхенската безбедносна конференција. Тој говореше за новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката, како и за идните односи во Европа. 

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Мицкоски посочил дека воопшто не е изненаден од говорите на Минхенската безбедносна конференција и одредени промени на „ветриштата кои дуваат".

- Кога зборуваме за НАТО не заборавајте дека мојата држава  за да стане член на НАТО, го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди не треба да заборавиме на ова. Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО, рекол премиерот Мицкоски и дополнил дека не е изненаден од последните случувања и најави на американската администрација.

Мицкоски посочил дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство заради вештачките прашања кои се отвораат.

- Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Не ли беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше. Дури и сега се соочуваме со барање за менување на уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи, запрашал Мицкоски, се наведува во соопштението.

Ние сме дел од Европа, нагласил, и сакаме да ги аплицираме европските вредности. Но она што се случува е нешто што е комплетно различно.

- Ние сме сведоци на тн “балканизација на Европа“, наместо “европеизација на Балканот“. Некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно.  Вие рековте дека Русија го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, ужасна инвазија која беше многу погрешна во 21 век, но во исто време парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ООН од 1945 и е меѓународно кодификуван од 1977, тогаш за што зборуваме? Зошто сите молчат тогаш, потенцирал Мицкоски и посочил дека Македонија мора да добие извесност на својот пат кон ЕУ.   

Во врска пак со енергетските планови и Македонија како крстосница додал дека ова изгледа како визија за иднината на Северна Македониј,а која има огромен потенцијал. Да се биде копнена земја може да се смета за недостаток, но вашиот пристап, како што стои во соопштението, да ја искористите географската положба преку Коридорите 8 и 10 е многу стратешка.

- Коридорот 8, кој ги поврзува Црното Море со Јадранското Море, е критичен не само за економијата туку и за НАТО, бидејќи создава силна транспортна оска од Исток кон Запад. Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може да го промени начинот на кој суровините и производите патуваат низ Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако пристаништето во Солун стане клучна точка за транспорт, Северна Македонија ќе добие значителна економска и геополитичка предност, се вели во соопштението. цр/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

видео: Фејсбук на премиерот христијан Мицкоски

Остани поврзан