Мицкоски: Можеме да помогнеме работодавачите и работниците да најдат компромис, но не можеме да наметнуваме
- Можеме да помогнеме работодавачите и работниците да најдат компромис, но не можеме да наметнуваме, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски за барањата од синдикатите за зголемување на минималната плата на 600 евра. Мицкоски во одговор на новинарско прашање истакна дека Владата го охрабрува бипартитниот дијалог повторувајќи дека минималната плата ќе се зголеми во согласност со законот.
Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - Можеме да помогнеме работодавачите и работниците да најдат компромис, но не можеме да наметнуваме, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски за барањата од синдикатите за зголемување на минималната плата на 600 евра.
Мицкоски во одговор на новинарско прашање истакна дека Владата го охрабрува бипартитниот дијалог повторувајќи дека минималната плата ќе се зголеми во согласност со законот.
- Владата не е таа што прифаќа барања бидејќи Владата како работодавач со своите колеги си ги регулира работите за 98-99 проценти од вкупниот број вработени од владините институции. Имаме договор до 2028 година. Тој процес сме го заокружиле. Ние не можеме да сугерираме во приватните компании како ќе бидат регулирани нивните односи со работниците. Затоа велиме ние можеме да помогнеме во процесот, да го фасилитираме, мислам дека сега на почетокот на март ќе имаме состанок на Економско-социјалниот совет и ние можеме да помогнеме работодавачите и работниците да најдат компромис, но не можеме да наметнуваме затоа што наметнувањето од минатото видовте каде нè донесе и со какви сè предизвици како Влада сега мора да се справуваме поради некои несреќни политики на некоја претходна влада - изјави Мицкоски.
Според него, Владата секогаш е тука на располагање и на работниците и на работодавачите и ќе помогне во процесот да се постигне решение.
Владата, посочи, беше подготвена и постигна договор со вработените, кои добиваат личен доход под ингеренција на Владата и потпишавме договор заклучно со крајот на мандатот 2028 година.
- Принципиелно се однесуваме, ги регулиравме нашите односи и мислам тоа е добра порака да стоиме на нашите принципиелни ставови. Се грижиме како Влада, постигнавме договор до 2028 година и го охрабруваме бипартитниот дијалог, а ние како Влада во согласност со законот ќе ја зголемиме минималната плата,- рече Мицкоски по учеството на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“. лв/паг/
Фото: МИА