• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Илинден претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност

Мицкоски: Илинден претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност

Скопје, 2 август 2023 (МИА) - Илинден за сите нас претставува темел на нашиот идентитет, борба за државност. Ден за кој што многу наши браќа и сестри во минатото го положиле својот живот, ја дале својата крв за да можеме ние денеска слободно да живееме во независна држава Македонија, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Мечкин Камен, каде беше одбележан државниот празник 2 Август, Денот на Републиката - Илинден. 

Според него, Илинден претставува водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата држава. -  А само тоа место, Мечкин Камен одекнува и денеска, има големо и силно значење и денеска, затоа што во една нерамноправна борба четата на војводата Питу Гули борејќи се со повеќе броен аскер го положи својот живот, даде жртва за слободата која што ние денеска ја живееме, изјави Мицкоски. 

Мицкоски истакна дека денеска македонскиот народ покажува пркост и знае за што се бори, за својот идентитет, за својата држава и достоинствена иднина.

- Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите знајте дека под маса договораат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија, рече Мицкоски. 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека пораката за единство на македонскиот народ е пред и над се. - И тоа е порака која што денеска ја упатуваме од овде, од Мечкин Камен, затоа што кога македонскиот народ, кога граѓаните во Македонија се единствени, дури ни таков тип на политичари немаат никаков ефект и ништо не можат да направат. Само единствени ќе дојдеме до посакуваната цел, а тоа е Македонија која што ќе биде просперитетна, Македонија мајка на сите граѓани, развиена, Европска земја, изјави Мицкоски. мд/нд/

 Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан