• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Идниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ зависи од „условот Бадентер“

Мицкоски: Идниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ зависи од „условот Бадентер“
Скопје, 14 мај 2022 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ како свој партнер за соработка ги гледа опозициски партии на Албанците и тука нема дилема, но во нашиот Устав има еден услов кој што важи, а тоа е Бадентер, од кој ќе зависи и реализацијата реформите што планираме да ги спроведеме, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање „со кого би соработувал од албанските партии ако оди на избори“. - Затоа се обидов да направиме измени, како што се оние проценти во Уставот, да нема Бадентер, а луѓето да напредуваат согласно своите компетенции, знаења и вештини. Да може државата да ја водат оние кои што ги одбрал народот, рече Мицкоски. Според него, дури и ако ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник во Собранието, токму поради „тој услов Бадентер“ ќе мора да ја адаптира коалицијата. - Затоа сум убеден дека опозициските, условно кажано, албански партии, на следните предвремени парламентарни избори ќе го поразат ДУИ. Мислам дека е време ДУИ да помине одреден период во опозиција, нагласи Мицкоски. Тој истакна и дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува идејата за измена на Изборниот законик со воведување на една изборна единица, но дека таквите измени не зависат од партијата. Мицкоски ги повика лидерите на помалите партии членки на владината коалиција да го исполнат ветувањето што го дале пред граѓаните дека ќе ја напуштат Владата, доколку не се прифати нивниот предлог за воведување една изборна единица. - Еве помина април месец, а тоа беше крајниот рок. Денеска сме 14 мај, две недели потоа, а нив ги нема никаде, ни да гукнат, ни да бекнат. Мила им е власта, привилегиите им се мили, народот тоа го плаќа за жал, но не сфаќаат дека секоја работа има свој почеток и крај, рече Мицкоски. сп/

Остани поврзан