• недела, 22 декември 2024

Мицкоски: Дури ни 2030-та не е годината кога земјава ќе биде дел од ЕУ 

Мицкоски: Дури ни 2030-та не е годината кога земјава ќе биде дел од ЕУ 
Скопје, 6 октомври 2021 (МИА) - Дури ни 2030-та година не е годината кога Македонија и Западен Балкан ќе бидат дел од Европската Унија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот митинг во општина Ѓорче Петров. Мицкоски нагласи дека нема Европска Унија со СДСМ, бидејќи, како што кажа, тие се длабоко навлезени во криминал и корупција. - Не само што со СДСМ нема датум, туку и Македонија ја втурнаа во нова криза во европските интеграции што поради нивниот криминал и заразната корупција ЕУ стана далечна цел. А се сеќавате, ни викаше излезете за Европска Македонија - и ќе имаме бесплатно здравство. Имаше билборди на кои ни порачуваше дека ќе обезбедил бесплатни студии во Европа, 250 илјади евра помош секој ден, 18 милиони евра за реформи во судството и што уште не. А каква е реалноста?, рече Мицкоски. Во својот говор Мицкоски се осврна и на Извештајот за пожарот во модуларната болница во Тетово. - Наместо да имаше целосна истрага, наместо уште првиот ден најодговорните да бидат повикани во обвинителството да даваат искази, да се препотуваат, а премиерот како прво повикан, па потоа и министерот и заменик министерот за здравство да си дадеа оставка, пред се како морален чин, тие мислеа, мислеа неколку недели како да ја одбегнат одговорноста и смислија да обвинат дека крив за 14 жртви бил кабелот од болницата, рече Мицкоски. Мицкоски обвини дека лага е оти кабелот и струјата се виновни за изгорените 14 луѓе и нагласи дека ќе одговараат за трагедијата. - Па зарем мислат дека целиот народ ќе им верува во овие глупости, само за да ја одбегнат одговорноста за овој грозоморен настан? Кажете јавно и отворено и признајте дека како што се договарате за тендери, за сите криминални зделки така се договоривте ДУИ и СДСМ да нема одговорност за ова и вината да ја барате во струен кабел или полнач за телефон. Дури и да е така, тогаш кој е одговорен за инсталацијата во болницата? Кој друг освен министерот и заменик министерот за здравство е одговорен за тоа што немало противпожарни апарати и се чувале незаштитени боци со кислород во болницата? Кој друг ако не Министерството за здравство е одговорно за слабата изведба на болницата и за тоа што изгоре за не цели две минути? Па тоа е дел и од измените на законот за градење што вие ги предложивте. Каде е правилникот што треба министерот да го донесе за пуштање на модуларните болници во употреба? Ова е срам за сите нас! Ова е срам за сите во оваа држава! Четири недели чекавме за вакво фијаско?! Четири недели не отидовте во Тетово да ги погледнете во очи семејствата на загинатите. Четири недели бегате од одговори. Ова нема да ви помине! За ова кога тогаш ќе одговарате сите. Луѓето живи гореа внатре и бараа помош, рече Мицкоски. Носителот на советничката листа за Град Скопје Трајко Славески, пред граѓаните на општина Ѓорче Петров порача дека е доста од загадено и уништено Скопје. Тој вети дека Скопје ќе биде град со нова Универзална сала, нов забавен парк, ред во сообраќајот, како и град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз. - Со целосна поддршка на Програмата за модерно Скопје на независниот кандидат за градоначалник Данела Арсовска, ние се обврзуваме и гарантираме исполнување на клучните приоритети за градот Скопје. Размислуваме и планираме стратешки, темелно и долгорочно, а делуваме практично, брзо и сигурно. Град со ред во сообраќајот. Град со безбеден и ефикасен еколошки јавен превоз. Гасифициран град со можност за приклучок во секое домаќинство. Град со десетици илјади метри квадратни нови паркови. Град со нова Универзална сала, нов забавен парк. Град со нови можности за младите да останат да живеат и творат во Скопје. Тоа е Скопје што го сакаме, тоа е Скопје што го заслужуваме!  Тоа е Скопје за кое вреди да се бориме, посочи Славески. мс/са/

Остани поврзан