Мицкоски: Делото на Свети Климент Охридски треба да ни биде светол пример
- Поминато е повеќе од еден милениум од животот и творештвото на Климент Охридски, но неговата заслуга не само што не е заборавена, туку преставува свет аманет за секој од нас, да го негуваме јазикот, творештвото и верата како суштина на еден идентитет на еден народ, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на отворената дебата на тема „Македонија, придонесот и континуитетот од Св. Климент Охридски до денес“.
Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Поминато е повеќе од еден милениум од животот и творештвото на Климент Охридски, но неговата заслуга не само што не е заборавена, туку преставува свет аманет за секој од нас, да го негуваме јазикот, творештвото и верата како суштина на еден идентитет на еден народ, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на отворената дебата на тема „Македонија, придонесот и континуитетот од Св. Климент Охридски до денес“.
-Светиот Климент Охридски преку својата силна волја и истрајност ни покажува дека еден народ може да се избави од културното ропство и културниот јарем врз него и да се избори за својата посебност под ова небо. преку описменувањето и просветителството го избавил својот народ од мрак и не дозволил да се претопи во нешто што не е, рече Мицкоски.
Денеска, како што кажа, го славиме и одбележуваме вонвременското дело на овој светител и словенски учител кој работел и творел на македонската земја.
-Тој е првиот словенски епископ и втемелувач на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет, каде што се преведувале книги на словенски јазик и се образувале илјадници ученици кои потоа словото Божје го ширеле во целиот словенски свет. Затоа сме горди, бидејќи Македонија освен што директно се врзува со грандиозноста на браќата Кирил и Методиј, се врзува и со просветлувањето кое го направил еден од нивните најдобри ученици, светиот Климент Охридски, рече Мицкоски.
Светиот Климент Охридски, како што нагласи, со своето човекољубие и голема верба, бил исклучително посветен на своите луѓе.
-Како епископ уживал голема почит од народот, затоа што бил и самиот дел од тој народ и со него ги делел и доброто и злото. Својата паства ја издигал не само духовно, туку и книжевно и просветителски непосредно помагајќи им со цел да ги избави од незнаењето и да и им го олесни животот. Благодарение на тоа, ден ден живеат преданијата и почитта на народот во Македонија кон овој светител и слободно можеме да кажеме преродбеник, посочи Мицкоски.
Истакна дека неговиот живот и неговото дело и денеска се искра во мракот.
-Живееме во едни мрачни времиња, времиња на сиромаштија, апатичност, безнадежност што кај многу луѓе го будат злото и нечовечноста. Аманетот на светиот Климент Охридски и неговото пред се хумано дело, треба да ни биде водилката кон тоа какво општество треба да градиме. Иако почестен со титула епископ, тој останал обичен и скромен човек кој ги проповедал и живеел според речта божја, кој подавал рака, кој лекувал и спасувал животи, кој го осветлувал патот на цел еден народ. Тоа е примерот кон кој секој од нас треба да се стреми, бидејќи можеме да ги менуваме работите ако имаме силна волја и истрајност, бидејќи верата, волјата и љубовта кон човекот може планини да поместува, рече Мицкоски.
Верувам, додаде, дека човекољубието и добрите дела на секој поединец може да мотивираат некој друг да се приклучи и така сплотени да се избориме за подобра иднина и подобар живот.
-Делото на Светиот Климент Охридски се е светол пример кој треба да го следиме и да ги подигнеме сите капацитети на Македонија да ја издигнеме од пепелот. Оваа земја дала и истрајни и силни по дух ликови. Оваа земја дала и храбри и одлучни луѓе кои ја прославиле по своите хумани и просветителски дела. Македонија се уште дава такви луѓе, но тие сега се чувствуваат потиснати од шундот и нечовечноста. Наша цел е тие луѓе да ги сплотиме и обединиме без разлика како се викаат и од каде доаѓаат. Битно е да се чесни и да и сакаат добро на Македонија и на народот. Тоа е нашата визија, потенцира Мицкоски. вј/дма/
Фото: ВМРО-ДПМНЕ