Мицкоски во разговор со Пленковиќ, Милатовиќ и Беќировиќ: Земјите од регионот имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност
- Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон разговарал со неговиот колега од Хрватска Андреј Пленковиќ, со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и со членот на Претсеадателството на БиХ Денис Беќировиќ при што било потенцирано дека земјите од регионот имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност за што клучно е градењето на силна регионална соработка.
Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон разговарал со неговиот колега од Хрватска Андреј Пленковиќ, со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и со членот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ при што било потенцирано дека земјите од регионот имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност за што клучно е градењето на силна регионална соработка.
-Во рамки на самитот на Европската Политичка Заедница во Лондон имавме пријателски разговор со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членот на претседателството на БиХ, д-р. Денис Беќировиќ. Соработката на земјите од регионот е неопходна за просперитетот на државите и благосостојбата на нашите граѓани. Нашите народи имаат потреба од економска, енергетска и инфраструктурна поврзаност, а клучен предуслов за тоа е градењето на силна регионална соработка. Делиме слични вредности и предизвици како регион и тие нé обврзуваат на заедничка кооперативност и комуникација меѓу земјите од Балканот, напиша на неговиот Фејсбук профил премиерот Мицкоски.
Порано денеска Мицкоски се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Дејвид Лами со кого размениле мислења за актуелните политички теми во регионот и Европа и ја потврдиле потребата од поблиска и потесна соработка на земјите од Европа на полето на безбедносните и енергетските прашања.
Мицкоски ја предводи Владината делегација на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што ќе се одржи во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд. Во состав на македонската делегација се и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска. Како што најави претходно премиерот Мицкоски во објава на Фејсбук, тој на Самитот ќе говори за „предизвиците коишто следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави“. вг/ац/
Фото: Христијан Мицкоски фб