• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе води позитивна кампања

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе води позитивна кампања
Скопје, 31 август 2021 

Добро вечер за општината која сум убеден дека на 17-ти октомври ќе биде меѓу првите која ќе ја крене раката  на идниот градоначалник на општина Бутел и идниот градоначалник на градот Скопје, Дарко Костовски и Данела Арсовска.

Оваа победа ќе биде круната на нашата борба за промени, за нова надеж и за убав Бутел и победа за нашето Скопје.

Скопје заслужува промени, Бутел заслужува нов почеток и многу работа за бутелчани.

Колку власта е исплашена, колку само им се тресе душата од промените кои доаѓаат ќе видите по нападите кои оркестрирано ги прават и говорот на омраза кој го истураат врз Данела Арсовска.

Не знаат кој правец да го фатат, а омразата ги заслепува. 

Па оној кој себе си се преставува за градоначалник на Скопје, кој камен на камен нема ставено во Скопје, цели 4 години уште не може да ги заврши проектите на неговиот претходник, но затоа пак поседува имот, слично како и неговиот лидер во партијата, а кој може да се мери со блиско источен монарх, истиот тој започна дебата дека Данела не била независен кандидат.

А тоа е така зошто  тие од СДСМ не може да сфатат дека ВМРО-ДПМНЕ има доволно демократски капацитет за да препознае и признае квалитет надвор од нашите партиски рамки и затоа ИК и ЦК на партијата одлучи да застане цврсто позади идниот победник и идниот градоначалник на Скопје, а тоа  Данела Арсовска.

А не може да сфатат зошто како што велат оние кои престануваат да служат на врхушката во СДСМ, признаваат и велат тоа е киднапирана партија. Тие истите што ја имаат киднапирано СДСМ, ја имаат и киднапирано и државата.

А бидејќи велат дека тука во ВМРО некој од некого се срамел, тогаш ќе им кажам што е вистински срам. Срамота е, и не само тоа, туку вистинско одлепување од реалноста е да си најбогат градоначалник на градот каде живее најсиромашно население. Срамота е луѓето да не  те знаат по проекти, туку по 4 стана, хациенда и викендица, хациенда во една скопска населба  еднаква колку цела една зграда, а најголемиот дел од народот живее притиснат во домови од по 60 квадрати и така неколку генерации прежвуваат во еден ист стан. Срамота е мистериозно да ти исчезнат 12.5 милиони евра од продажба на нова градска куќа, а градот да го оставиш во трули бараки. Срамота е и да се местат тендери на кои секогаш има само еден понудувач кој најчесто е и победник на тие тендери.

Но во исто време и знам дека тоа што е срамота за сите нормални луѓе, за власта не е. Зошто тие луѓе се целосно одлепени од реалноста и немаат врска што значи зборот срам. И толку за нив.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе води позитивна кампања, зошто на народот му е преку глава да слуша што не чини, зошто сите ние ја живееме реалноста, време да чујат за што се бориме и што е тоа што ние ќе го понудиме и ќе го направиме за граѓаните.

Бутел заслужува многу повеќе од тоа што го живее денес. А Дарко Костовски е нашиот кандидат за градоначалник кој ќе ја има најтешката обврска да ги промени работите од корен овде во Бутел.

Затоа јас денеска како што е пракса во оваа кампања, одлучив да седнам и пред овој настан да му напишан едно писмо на  Дарко да остане напишано и запаметено, народот да знае што е она што може да очекува и на што да се надева.

1. Мора на локалните фараони и силеџии да им дојде крајот. Општината мора да се врати на народот, оној чесен и искрен народ кој си ја сака општината. Слушам дека Бутел им припаѓал на некакви улични битанги кои со нога во врата влегувале  и врата кршеле кај актуелниот градоначалник, дека тие биле главните кои носеле одлуки. Бутел бил нивен, јас ќе кажам општината е на народот. Дарко тука главниот мора да биде народот, а ти да бидеш нивниот слуга и отчет да даваш и само за нив да се бориш. А бандитизмот многу брзо ќе заврши, зошто доаѓа да владее силата на законот.

2. Дарко подади рака кон секого кој што сака да помогне за развојот на Бутел. На крајот ќе те паметат не по тоа колку врати си затворил, туку по тоа колку врати си отворил. Секој еден човек е важен. Мора да обединуваш, зошто имаш одговорност. Имаш поголема одговорност од било кој тука во Бутел.

3. Општината е составена од различни етникуми. Но, сите тука ги обединуваат истите проблеми. Различни сме по припадноста но заеднички ни се страдањата и маките. Затоа да се грижиш за подеднакво за секое едно маало, за секое едно делче во Бутел. Било да е за Бутел 1, било да е за Бутел 2, Радишани или Скопје север.

4. Таквите локални фараоани кои ги споменав бргу ќе му откажат послушност на Велимир. И првото нешто што ќе го направат е да ти се доближат. Но тогаш ќе треба да знаат дека ти не си опцијата која ќе им ги спроведе интересите на пиштолџиите, затоа што единствено ќе спроведуваш интереси на народот.

5. Биди достапен цело време. Градоначалничката работа е хумана, но и тешка. Треба да имаш разбирање за секоја една потреба, колку и таа да бара време. Затоа многу помалку во канцеларијата, а многу повеќе на терен.

6. Доаѓа крај на градоначалниците комшии со по еден стан од секоја ново изградена зграда. Дарко, не е грев човек да е богат, но е исклучително е сомнително за многумина кои влегоа во политиката многу сиромашни, а излегоа безобразно богати. Затоа од тебе барам чесно да работиш, и чесно да ги извршуваш работите, затоа што  образот и достоинството немаат цена.

7. Потребно е секоја градба да биде согласно закон, со онолку зелена површина колку законот тоа го дозволува. Енормната бетонизација го уништува градот. Мора да се почитуваат законите. На народот не му треба бетон туку паркови и зелени површини. Спротивстави се на урбаната мафија. Не се мафијаши оние кои целиот живот штедат за еден стан, туку оние кои прават цели згради и облакодери и го уништуваат се што ќе им се најде на патот, го уништуваат зелениот простор.

8. Ветеното мора да го реализираш. Да се трудиш програмата да ја исполниш до последниот збор. Овие од власта пред изборите во 2017 година пред 4 години мафтаа со програма, денес никаде ги нема зошто сакаат да заборавите што ветувале, зошто буквално ништо и не исполниле. Ти Дарко да реализираш тоа што си го ветил, па дури и пред време, да реализираш и повеќе од што си ветил.

9. Ова не се избори за тоа кој поубави спотови или билборди ќе направи, туку тој кој ќе понуди реални решенија, колку повеќе улици и булевари ќе направи, колку проблеми ќе реши затвори. Дарко не се фокусирај како власта на гол пиар туку суштинска работа. Нив ги има во последните 4 месеци, тебе нека те има меѓу народот следните 4 години.

10. И на крај не заборавај ова е битка на нашата генерација. Доаѓаат промените кои ќе го означат крајот на транзициската генерација која ја влече земјата назад. Ова се нови луѓе кои искрено ја сакаат својата родена земја, ја почитуваат нашата Македонија. Ново време за нови големи работи за секој еден човек.

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со прецизна и би рекол револуционерно современа програма која ќе одговори на потребите на луѓето. Власта оди со празни флоскули, ние ќе одиме со нашето достоинство, чист образ и сериозна програма. 

Мора народот да се разбуди од апатијата во која власта го доведе. Мора да кажеме дека ние сме единствената шанса за подобро. Не оние кои го крадат народот, не разно разните маргиналци кои имаат за задача да го ситнат отпорот и слабеат борбата против власта која причинува зло.

Ова се и избори за каква иднина сакаме. Тие досега удираа по народот, неговото достоинство, го удираа неговиот стандард, удираа со неправди и порази, време е народот да го врати ударот на овие избори. Пресврт за иднина и Македонија каква сакаме да видиме. За општина која е на сите луѓе, за Македонија која е на сите луѓе. Оваа победа е за секој еден човек на нашата земја.

Затоа нека 17 октомври биде денот кога ние референдумски уште рано наутро ќе излеземе и ќе гласаме за идниот градоначалник на општина Бутел Дарко Костовски и за идната градоначалничка на градот Скопје, Данела Арсовска.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ    _________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан