• понеделник, 23 декември 2024

Мицевски очекува да има двотретинско мнозинство за законските измени за реорганизација на министерствата

Мицевски очекува да има двотретинско мнозинство за законските измени за реорганизација на министерствата

Скопје, 3 јуни 2024 (МИА) – Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.

- Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.  

Соопшти дека при крај е целото законско решение и очекува деновиве официјално да биде поднесено. 

- Со истото ќе ја запознаеме јавноста, медиумите, но и колегите од другите пратенички групи, врз основа на што очекуваме да добиеме поддршка на она што го планираме да го испорачаме како продукт на граѓаните во наредниот период. Завршни консултации и состаноци има по одредени делови во законот, штом го имаме тоа, ќе биде завршено, рече Мицевски.

Додаде дека за него поприоритетно во моментот е да се формираат комисиите, односно работните тела за да можат сите овие закони да поминат низ соодветните комисии.

- Во моментот ја имаме формирано само Верификационата комисија и Комисијата за прашањата на именувања и изборите. Потребни се и другите – Комисијата за политички систем, Законодавно правната комисија и другите комисии за кои на денешната првична координација имаше разговори. Очекувам во текот на денот и наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално, рече Мицевски. 

Тој очекува да биде донесен законот до доделување на мандатот за составување на идната влада. фф/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан