• понеделник, 23 декември 2024

Митреска: Потребен е холистички пристап за финансирање на зелената транзиција, од државата, приватниот сектор и од меѓународните организации

Митреска: Потребен е холистички пристап за финансирање на зелената транзиција, од државата, приватниот сектор и од меѓународните организации

Скопје, 8 декември 2023 (МИА) - Зелената транзиција бара значителни инвестиции, а за да се обезбедат доволно финансиски средства за целните резултати, потребен е холистички пристап, преку вклученост на владите, на приватниот сектор и силна поддршка од меѓународните институции. Потребна е многу поголема вклученост на приватниот сектор во зелените инвестиции во земјите во развој, којашто според анализите на ММФ, треба да се зголеми од 40 отсто на 90 проценти до 2030 година, истакнала вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на панел-дискусија на Втората регионална конференција еколошките и бизнис-лидерите, којашто се одржа во Србија.

Кај нас, како што посочила Митреска, учеството на зелените кредити во вкупните кредити на домашниот банкарски систем е удвоено во изминатите четири години, а билансите на корпоративниот сектор покажуваат дека има поголем простор за поддршка на зелената транзиција.

Вицегувернерката Митреска истакнала дека во светски рамки, јазот во потребите за финансирање на зелената транзиција е повеќе од 50 отсто, додека кај земјите во развој тој е уште поизразен. - Напорите на владите за намалување на јаглеродните емисии се суштински, но фискалниотте простор е ограничен. Оттаму, потребно е финансиските системи повеќе да се вклучат во мобилизирање на средствата за инвестиции во справување со климатските промени и зелената транзиција, посочила таа.

Притоа, како што соопштуваат од Народната банка, Митреска ги нагласила и зелените обврзници, како финансиски инструменти за мобилизација на средствата од приватниот сектор за финансирање на зелената транзиција, како и улогата на централните банки преку „зазеленување“ на нивното инвестициско портфолио.

Како многу важна алка во процесот на обезбедување финансии за зелената транзиција, вицегувернерката Митреска ги истакнала меѓународните организации коишто финансираат и поттикнуваат зелено финансирање кај нас.

Вицегувернерката го потенцирала и новиот План за раст на Западен Балкан, во кој постои критериум според кој 37 отсто од грантовите коишто ќе ги додели Европската Унија за поддршка на инвестициските проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ) треба да бидат наменети за проекти за справување со климатските промени.

Регионалната конференција на еколошките и бизнис-лидерите е настан од висок профил, којшто ги обединува носителите на политиките, претставниците на меѓународните организации, експертите и претставниците на приватниот сектор од регионот и пошироко, во дебатата за водење одржливи политики, со акцент на екологијата и енергетиката. дма/

Фото: Народна банка

Остани поврзан