• понеделник, 23 декември 2024

Митреска и Бојчева-Терзијан: Комуникацијата на централната банка имаше важна улога во стабилизирањето на очекувањата

Митреска и Бојчева-Терзијан: Комуникацијата на централната банка имаше важна улога во стабилизирањето на очекувањата

Скопје, 30 јули 2024

На покана на Здружениот виенски институт, вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска и извршната директорка, Султанија Бојчева-Терзијан, одржаа предавање на тема „Комуникацијата како составен дел од инструментариумот на монетарната политика на централните банки“, осврнувајќи се на примерот на нашата централна банка. Во рамките на предавањето беше истакнато значењето на комуникацијата на централните банки како еден од клучните инструменти на монетарната политика. Осврнувајќи се на кризниот период во изминатите неколку години, предавачките посочија дека комуникациските активности на Народната банка имаат исклучително важна улога во стабилизирањето на инфлациските очекувања и во задржувањето на стабилноста на девизниот курс.

Во рамките на предавањето, беше истакнато значителното зголемување на комуникацијата и транспарентноста на централните банки во изминатите три децении. Притоа, беше посочено дека со зголемувањето на предвидливоста на монетарната политика се влијае врз очекувањата и однесувањето на економските субјекти, со што се зголемува ефективноста на мерките на централните банки. Транспарентниот, јасен и целен начин на комуникација е основа на отчетноста, придонесува за зголемување на довербата на јавноста и е столб на независноста на централната банка. 

Во однос на мерењето на транспарентноста, беше посочено на сеопфатниот индекс на транспарентноста на централните банки, којшто опфаќа повеќе димензии. Според овој индекс, транспарентноста на Народната банка, како и на централните банки во Југоисточна Европа, е речиси удвоен во изминатите три децении, што укажува на промена на пристапот на централните банки во комуникацијата со јавноста. Во однос на Народната банка, особено е видливо зголемувањето кај економската транспарентност, којашто се однесува на економските податоци коишто се објавуваат, моделите и проекциите. Според овој индекс, нашата централна банка е оценета речиси исто како и ЕЦБ.

Особен акцент беше ставен на комуникацијата во услови на кризи, односно од пандемијата наваму. Беше посочено на зголемувањето на бројот на соопштенијата за јавноста и јавните настапи на нашата централна банка, коишто од корона-кризата наваму се речиси двојно зголемени. Засилената и добро осмислена комуникација се одвиваше и за време на енергетската и инфлациската криза, преку јасни пораки за решеноста и посветеноста на централната банка за стабилизација на инфлацијата и задржување на стабилноста на курсот на денарот.

Отвореноста и отчетноста на Народната банка се препознаени во истражувањата на реномирани меѓународни институции, како Светската банка. Анкетата спроведена од Светската банка покажува дека Народната банка е меѓу трите институции, меѓународни и домашни во земјава, во кои јавноста има најголема доверба.

На презентацијата присуствуваа претставници на централните банки од регионот на Југоисточна Европа, но и пошироко, како и на централните банки на Чиле, Замбија и Јамајка. Здружениот виенски институт е центар за обука основан од страна на Народната банка на Австрија и Министерството за финансии на Австрија, во соработка со ММФ и повеќе други меѓународни организации. 

Народна банка

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан