• понеделник, 23 декември 2024

Мистериозна болест меѓу американските дипломати во Виена

Мистериозна болест меѓу американските дипломати во Виена
Виена, 19 јули 2021 (МИА) - Виена, како центар на многу дипломатски активности, до неодамна беше безбедна за работа на многу американски дипломати, но од почетокот на годинава се забележува нагло зголемување на здравствените инциденти со симптоми слични на мистериозната мозочна болест што се појави во Хавана во 2016 година, објави Радио слободна Европа (РСЕ).
Американската влада истражува низа здравствени инциденти во Виена во кои се вклучени нејзините дипломати и друг персонал во администрацијата, пренесува Би-Би-Си, истакнувајќи дека пријавените симптоми се слични на „синдромот Хавана“ за кој се уште не е утврдена дефинитивната причина, но американските научници велат дека тоа е најверојатно предизвикано од микробранова радијација.
Откако претседателот Џо Бајден ја презеде должноста во јануари, повеќе од 20 претставници на американската дипломатија во Виена пријавија симптоми слични на „Хавана синдромот“.
Такви случаи се забележани и во други делови на светот, но американските власти велат дека бројките во Виена се поголеми отколку во кој било друг град, освен Хавана.
Синдромот првпат беше забележан во Куба во 2016 и 2017 година кога американски и канадски дипломати се пожалија на низа симптоми, почнувајќи од вртоглавица, губење рамнотежа, губење на слухот и вознемиреност до она што тие го опишаа како „когнитивна магла“.
За случаите во Виена првпат објави „Њујоркер“ на 16 јули, а подоцна ги потврди и Стејт департментот, посочува Би-Би-Си.
Австрија ги истражува пријавените случаи на болеста меѓу американските дипломати во Виена.
„Ние ги сфаќаме извештаите многу сериозно и, во согласност со нашата улога како земја домаќин, работиме со американските власти на заедничко решение“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи. паг/

Остани поврзан