Мисајловски по повод Денот на воената безбедност и разузнавање: Вие сте клучната алка во системот на одбраната
- Министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и останати генерали и високи претставници од Армијата и Министерството за одбрана денеска во Музејот на македонската борба присуствувале на одбележување на Денот на воената безбедност и разузнавање.
Скопје, 26 мај 2025 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и останати генерали и високи претставници од Армијата и Министерството за одбрана денеска во Музејот на македонската борба присуствувале на одбележување на Денот на воената безбедност и разузнавање.

По тој повод, како што соопштија од МО, министерот Мисајловски се обратил пред присутните при што истакнал дека поради постојаните промени кои се случуваат на полето на безбедноста брзиот развој на технологиите и големиот број на хибридни закани од особена важност е да се има силна безбедносно – разузнавачка служба која ќе може да се спротивстави на сите овие влијанија.
- Директоратот за безбедност и разузнавање во одбраната е изграден од врвни професионалци кои секојдневно работат и придонесуваат кон нашата заедничка заложба – безбедна, сигурна, стабилна Македонија. Вие сте клучната алка во системот на одбраната која ја зацврстува безбедноста и сигурноста на нашите граѓани, рекол Мисајловски.

На одбележувањето на Денот на воената безбедност и разузнавање се обратил и директорот на Директоратот за безбедност и разузнавање во одбраната, полковник Игор Јанкуловски, кој им оддал признание на припадниците на Воената служба за нивната професионалност и посветеност во исполнување на работните обврски за заштита на националните интереси.
- Разузнавањето денес не е само око во темнината – тоа е алатка за проактивно делување, штитот на државната сигурност, стожер на одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, во ера на комплексни меѓународни предизвици, рекол Јанкуловски. цр/ац/
Фото: МО