• петок, 22 ноември 2024

Мисајловски на средба со блиски на загинатите бранители

Мисајловски на средба со блиски на загинатите бранители

Скопје, 21 септември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ги посети и присуствуваше на заеднички ручек со семејствата на загинатите бранители и претставниците на Здружението „Херои на Македонија“, кои во овој период престојуваат во одморалиштето „Свети Стефан“ во Охрид во организација на Министерството за одбрана, информираат од Секторот за информации и комуникации на ова министерство.

- На средбата се разговараше за прашања што се од особена важност за семејствата на загинатите бранители. Од страна на министерот Мисајловски беше искажано уверување дека Министерството за одбрана ќе продолжи да дава помош и поддршка за семејствата на загинатите бранители и достојно ќе го чува и негува споменот на македонските херои, се наведува во соопштението.

Министерот потенцирал дека на секој еден бранител потребно е да му се помогне, а „посебно на семејствата на бранителите кои ги положија своите животи за Македонија“.

- Лично ќе се залагам во наредниот период уште повеќе да помогнеме. Тие се вистински херои, заслужуваат најголема почит и никогаш не смееме да ги заборавиме, затоа што се одзвале на повикот на татковината, за заштита на сите нас, нагласил министерот.

Мисајловски додал дека со заедничка соработка со Здружението „Херои на Македонија“ ќе се направи сѐ што е потребно за семејствата на бранителите, согласно законските можности, во однос на нивните барања и потреби.

- Од страна на претставниците на Здружението беше искажана благодарност за средбата и за заложбата за решавање на предизвиците со што се соочуваат семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили на Македонија, се додава во соопштението на Министерството за одбрана. бд/аа/

Фото: Министерство за одбрана

Остани поврзан