• недела, 22 декември 2024

Мисајловски на отворањето на регионалниот натпревар на меѓународниот совет за воени спортови - CISM во маратон и полумаратон во Скопје

Мисајловски на отворањето на регионалниот натпревар на меѓународниот совет за воени спортови - CISM во маратон и полумаратон во Скопје

Скопје, 5 октомври 2024 (МИА) - Во организација на Советот на воени спортови под мотото „Пријателство преку спорт“, денеска во Домот на Армијата во Скопје свечено беше отворен „Регионалниот натпревар на Меѓународниот совет за воени спортови – CISM, во маратон и полумаратон, Скопје 2024“.

На денешното отворање, како што соопшти Министерството за одбрана, присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кои им посакаа успех на натпреварувачи на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција, Холандија и на македонската Армија и им порачаа за време на нивниот престој да уживаат во гостопримството на македонскиот народ.

Претседателот на Советот на воени спортови, потполковник Зоран Цветковски на отворањето им посакал одлични резултати, нови пријателства и упатил честитки до  сите оние кои дадоа поддршка за реализација на активноста. -Верувам дека заслужено ќе ги добиеме најбрзите поединци и севкупни победници од вас, армиските припадници, истакнал Цветковски.

Натпреварот во маратон и полумаратон Скопје 2024, ќе се реализира во рамки на утрешниот Виз Ер Скопскиот маратон 2024 согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Сојузот на спортови Скопје и Виз ЕР- скопски маратон и на него ќе учествуваат 53 припадници на странски армии и 27 припадници на македонската Армија.

-Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, а Армијата на Република Северна Македонија e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот, се наведува во соопштението. дма/

Фото:Министерство за одбрана

Остани поврзан