• понеделник, 18 ноември 2024

Минчев: Треба да се донесе закон за правична застапеност кој ќе биде долгорочен и применлив

Минчев: Треба да се донесе закон за правична застапеност кој ќе биде долгорочен и применлив

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев смета дека не треба да се брза со законот за правична застапеност затоа што треба да се направи соодветно законско решение кое ќе биде долгорочно и применливо. Законот, според Минчев, треба да помине низ јавна дебата со вклученост на експерти, а пред да биде донесен, да се добие и мислење од Венецијанската комисија.

- Во ова општество секој може да направи закон и тоа не е најважното прашање кој ќе го направи законот. Она што е многу битно е дека во владината коалицијата постои капацитет за политички дијалог да се дојде до една содржина на законско решение кое нема да биде предмет на повторно евентуално нова одлука на суд. Тоа значи дека треба да не се брза со ова законско решение, дека треба да се отвори јавна расправа во која што ќе се вклучат оние надлежни, а тоа е експертската јавност, посебно оние кои се задолжени за уставотворноста на евентуалното законско решение. Притоа да потенцирам дека правичната застапеност е уставна категорија, што значи дека треба да се дојде до една драфт верзија или, пак, Нацрт-закон кој на крајот по сериозна дебата, треба да биде доставен до Венецијанската комисија со цел да имаме соодветно решение кое што ќе биде долгорочно со добра содржина, но најважно од се применливо. Се надевам дека Владата ќе дојде до тоа решение, но потенцирам не треба да се брза затоа што таа уставна категорија ќе важи и сега, етничките заедници ќе имаат можност да се вработуваат согласно постоечките закони и без овие одредби коишто се укинати од страна на Уставниот суд, рече Минчев на денешната дебата во Владата посветена на економијата, финансиите и јавната администрација.

Минчев вели дека нема да има вработувања на нестручен кадар само поради неговата етничка припадност, но посочува и дека не треба етничката припадност да се поврзува со мерит системот. Според него, етничката припадност не е единствената причина за лошиот рејтинг на дел од јавната администрација, туку причините треба да се бараат и во партиските вработувања во администрацијата. 

- Мерит системот значи надоградување на кариерата врз база на квалитет, стручност и покажани резултати. Тој функционирал и без балансерот, значи етничките заедници се вработувани и пред 2001 година и ние сме имале сериозно добра администрација. И тука нема да потенцирам дека само припадници на етничката заедница допринеле до слаб или пак, лош квалитет на дел од јавната администрација. Тоа не е само етничко прашање. Тоа е прашање на партиски вработувања, прашање на непотизам кое што се темели на една нестручност на дел од јавната администрација, рече Минчев.

Законот за висока раководна служба, како што најави, во план е да биде донесен следната година. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан