Минчев - Пропс: Словенечка поддршка за модернизирање и реформа на администрацијата
- Унапредување на реформите во јавната администрација, со посебен фокус на унапредување на системот на вработените во јавниот сектор и платите, беше една од темите на средбата помеѓу министерот за јавна администрација Горан Минчев и неговиот словенечки колега, Франк Пропс што се одржа денеска во Љубљана.
Љубљана, 3 октомври 2024 (МИА) - Унапредување на реформите во јавната администрација, со посебен фокус на унапредување на системот на вработените во јавниот сектор и платите, беше една од темите на средбата помеѓу министерот за јавна администрација Горан Минчев и неговиот словенечки колега, Франк Пропс што се одржа денеска во Љубљана.
Како што соопшти Кабинетот на Минчев, министрите разменија искуства за тековните напори за модернизација на јавната администрација, подобрување на структурите на платите на вработените во јавниот сектор и воведување потранспарентни и ефикасни системи за управување со човечките ресурси во јавниот сектор.
Двајцата се согласија дека јавната администрација има клучна улога во обезбедувањето добро владеење и испорачување висококвалитетни услуги за граѓаните, како и дека добро структурираната и мотивирана работна сила е клучна за постигнување на овие цели.
Министерот Минчев ја истакна важноста да се учи од искуството на Словенија во реформирањето на јавниот сектор, особено во областите како што се системите за плати врз основа на учинок и дигитализацијата на административните процеси.
-Успехот на Словенија во модернизирањето на јавната администрација обезбедува вредни лекции за Република Македонија додека работиме на спроведување слични реформи. Нашата цел е да создадеме поефикасна, транспарентна и граѓанска администрација, посочи Минчев.
Министерот Пропс ја истакна важноста на регионалната соработка и споделувањето на знаењето во реформите на јавната администрација.
-Ги поздравувам почнатите активности од страна на македонското Министерство за јавна администрација и ние сме подготвени да ја продолжиме и унапредиме соработката. Работејќи заедно, можеме да развиеме иновативни решенија за тековните предизвици, особено во областа на човечките ресурси и реформите на платите во јавниот сектор, истакна Пропс.
Двајцата министри истакнаа неколку области за натамошна билатерална соработка, вклучувајќи работење на проекти со акцент на академијата за јавна администрација, програми за обука на вработените и размена на најдобри практики во управувањето и унапредување на транспарентноста.
-Препознавајќи ја вредноста на заемната поддршка во напорите за модернизација на јавната администрација и промовирање на доброто владеење, оваа средба означува чекор напред во блиските односи меѓу Република Македонија и Словенија, наведува Кабинетот на министерот Минчев. мч/дма/
фото: МЈА