• петок, 22 ноември 2024

Минчев: Клучниот проблем во јавниот сектор е недоволната компетентност и стручност, потребна е внатрешна преедукација во секоја институција

Минчев:  Клучниот проблем во јавниот сектор е недоволната компетентност и стручност, потребна е внатрешна преедукација во секоја институција

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) - Превработеноста не е главниот проблем во јавниот сектор, иако морам да кажам дека е на високо ниво. Клучниот проблем е недоволната компетентност, недоволната стручност, непрофесионализмот и незнаењето поради кое не може да се даваат квалитетни услуги на граѓаните. Потребна е внатрешна преедукација во секоја јавна институција, односно обука на јавните службеници. Во овој момент не би можел да кажам дали ова би имала финансики импликации, посочи на денешната прес-конференција министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Тој на новинарско прашање како ќе се реши проблемот се превработеноста во јавниот сектор, рече дека Министерството за јавна администрација има извештај кој дава пресекот на вработени од 2016 до 2023 година.

-Во 2016 година ние имавме околу 1.290 институции, а околу 129 илјади вработени во јавниот сектор. Седум години подоцна имаме 80 нови јавни институции, а илјада вработени помалку, што значи бројката во овие седум години е избалансирана. Клучниот проблем во јавниот сектор и во јавната администрација е недоволната компетентност, недоволната стручност. Ова е резултат на партиски вработувања 30 години наназад, на непотизмот, на етничките вработувања во смисла на злоупотреба на балансерот. Тоа сакаме да го смениме, рече Минчев.

Затоа, потенцираше дека водат транспарентен и слободен демократски процес, нов начин на комуникација во Владата и во Министерството за јавна администрација.

-Сакаме да ги слушнеме сите. Ако ме прашате лично каков став имам за јавната администрација, јас сум за професионална, добро средена, намалена по бројка јавна администрација која ќе пружа сериозно услуги на граѓаните, рече Минчев.

Тој појасни дека вработените кои се некомпетенти ќе останат на работа, но мора да се случи паралелен процес во рамки на самите институции. Тој смета дека секој вработен кој во моментот извршува работна задача, а не ја извршува соодветно, согласно неговото образование треба да каже сам кој е неговиот афинитет, во кој сектор се гледа и каков може да биде неговиот придонес.

-Можам да говорам за Министерството за јавна администрација, каде има околу 60 вработени. Моето мислење за овие сто дена е дека генерално во самите сектори може да располагаме со околу 50 отсто од капацитетот на вработените. Секој вработен кој во моментот извршува работна задача, а не ја извршува соодветно, согласно неговото образование да каже сам кој е неговиот афинитет, во кој сектор се гледа и каков може да биде неговиот придонес, рече Минчев.

Тој додаде дека не може да каже дали ова би имало финансиски импликации за државата, затоа што во Министерството за јавна администрација постои сектор за обука и едукација, кој би требало да се трансформира со создавањето на Академијата за стручно усовршување на административните службеници. бт/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан