• петок, 22 ноември 2024

Министрите од Г-20 не успеаја да се договорат за поамбициозни климатски цели

Министрите од Г-20 не успеаја да се договорат за поамбициозни климатски цели
Неапол, 24 јули 2021 (МИА) - Министрите од Г-20 одговорни за климата, енергетиката и животната средина на состанокот во Неапол не успеаја да се договорат за поамбициозни цели во спроведувањето на Парискиот договор. - Неколку земји во заедничката завршна декларација не сакаа да прифатат обврска за задржување на глобалното затоплување под 1,5 Целзиусови степени, рече италијанскиот министер за животна средина Роберто Чинголани по состанокот.
Наместо тоа, земјите се обврзаа само на претходната цел на Парискиот договор да го задржат глобалното затоплување далеку под два степена и да продолжат со напорите за негово намалување на 1,5 степени, се наведува во декларацијата.
Земјата веќе се загреа за околу 1,2 степени во споредба со прединдустриските времиња, со фатални последици од климата. Во зависност од регионот, се забележуваат посериозни настани поврзани со климата, вклучително жештина, суша, обилни дождови, бури и поплави.
Дводневниот состанок беше подготовка на самитот на Г-20 што треба да се одржи во Рим кон крајот на октомври. Групата од 20 економски моќни земји има членки на сите континенти и ги вклучува САД, Кина, Русија и Германија. Шефицата на ОН за климатски работи, Патриша Еспиноза предупреди дека Г-20 е одговорна за 80 проценти од сите глобални емисии. Таа ги повика земјите на глобалната конференција за климатизација, закажана за ноември во Глазгов, да покажат одлучност да го спречат затоплувањето. Претходно, министерот Чинголани рече дека „најбогатите земји-членки на Г-20 првпат во историјата ја препознаа врската помеѓу климатските промени, животната средина, енергијата и сиромаштијата“. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан