• четврток, 26 декември 2024

Министерот Салиу на средба со претставници на невладини ромски организации

Министерот Салиу на средба со претставници на невладини ромски организации

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Во Влада денеска се реализира средба на министерот за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу, со претставници на невладини ромски организации.

Министерот на прес-конференција пред почетокот на средбата, рече дека целта е да се детектираат проблеми и да се дојде до тоа како тие да се решат. Целта е, додаде, да се изгради инклузивно и праведно општество.

-Секогаш зборувам за сиромаштијата и нееднаквоста, висок степен на дискриминација. Барам да се подобри состојбата кај ромската заедница, рече тој, меѓу другото.

Тој кажа оти доаѓаат минусни температури, а многу семејства немаат огревни дрва за да се згреат. Салиу подвлече дека тие не сакаат луксуз.

-Нашите права како и на останатите, се загарантирани со Уставот, додаде Салиу.

Салиу посочи дека очекува одлична соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Министерот Фатмир Лимани, како што истакна, има разбирање, па очекува заеднички да пристапат за решавање на одредени потреби на ромската заедница.

Прашан дали е одвоено доволно од буџетот за Стратегијата за 2025 година, Салиу одговори дека очекува да проработи совеста во сите министерства.

-Очекувам искрена и доследна интеграција на Ромите, не само тука, туку и во Европа, подвлече Салиу.

Тој им посака на сите граѓани - здравје, среќа и бериќет во новата 2025 година. бд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан