• петок, 22 ноември 2024

Министерот Николовски береше грозје во Неготино, најави поддршка за лозарите

Министерот Николовски береше грозје во Неготино, најави поддршка за лозарите

Неготино, 7 септември 2023 (МИА) - Ниту еден лозар нема да биде оставен сам, креираме предлог мерка за поддршка од најмалку 12.000 денари по хектар за винско и трпезно грозје, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој береше грозје во Неготино. Тој учествуваше во процесот на берба на грозје во неготинско, во месноста Лепово, на лозовите насади од винаријата Бовин. При тоа оствари средба со лозари и ја посети винаријата Бовин које е корисник на средства од ИПАРД програмата.

Министерот додаде дека лозарите оваа година се пред нов предизвик. Климатските промени, кои пролетва предизвикаа многу дождови, придонесоа да се развијат услови за појава на пламеница и пепелница и направија големи штети на лозовите насади. Од овие причини годинава родот е намален и со послаб квалитет. Ова беше и тема на денешната средба со лозарите, на која министерот искажа целосно разбирање за состојбата во лозарството.

- За мене и министерството ова е еден од најзначајните сектори и денес токму од тука сакам да упатам порака дека ниту еден лозар нема да биде оставен сам. Она што можам да го најавам е дека министерството веќе креира мерка за поддршка на лозарите. Јас овој предлог ќе го доставам прво до подсекторската група на разгледување, а потоа и до Владата. Идејата е да овозможиме финансиска поддршка  за произведено винско грозје, но и за прв пат и за произведено трпезно грозје и тоа од најмалку 12.000 денари по хектар. По завршување на бербата, кога ќе ги имаме точните бројки, заедно со подсекторската група ќе ја поготвиме мерката и ќе ја предложиме на усвојување до Владата,  истакна министерот Николовски на средбата со лозарите.

Оваа година, рече тој,  за прв пат почнува да се применува новиот модел на субвенции. Па така, лозарите ќе добијат 30 отсто или 12.000 денари до крајот на годинава, а остатокот од 28.000 денари, ќе им се доисплати во февруари, традиционално како и секоја година за празникот ,,Свети Трифун". 

- Сакам да потенцирам доколку кај некој земјоделц постои сомнеж за исплатата на субвенции по новиот модел, токму лозарството е гранка каде нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па затоа сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава, потенцираше министерот.

Тој потсети дека неодамна беше усвоена десетгодишната Национална стратегија за развој на винарството и лозарството 2023 -2033, која има амбициозни цели, зголемување за 50 отсто во литри и евра на извозот на вино во шишиња, зголемување за 10 проценти на вредноста на наливното вино во евра, воспоставување на најмалку три заштитени географски ознаки, минимум 10 отсто од виното пуштено во промет да носи географска ознака до крајот на 2033 година, за минимум 30 проценти обновуање на лозовите насади и зголемување за 5 отсто на површината под лозови насади и 4 проценти од лозовите насади да произведуваат органско сертифицирано винско грозје.

Министерот  ги повика  лозарите и сите заинтересирани, да ја искористат можноста која ја нуди ИПАРД 3 програмата, мерка 1, која поддржува подигање на лозови насади, при што заинтересираните треба да ги исполнат условите кои се пропишани во повикот. Пред се мора да се регистрирани во ЕРЗС и да поседуваат минимум 1 хектар обработливо земјиште. Мерка  1 предвидува и набавка на трактори, што е уште една можност за лозарите да аплицираат на повикот и да ја искористат поддршката. Сите потребни детали се наведени во јавниот повик кој е достапен на веб страната на Министерството, Платежната агенција и телото за управување со ИПАРД. Повикот трае до 15. октомври со можност да биде продолжен до 1. ноември. свд/лв/

Фото : МИА 

Остани поврзан