Министерот Минчев на средба со Ивета Хрицова, новата словачка амбасадорка
- Министерот за јавна администрација Горан Минчев оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка во земјата, Ивета Хрицова, на која станало збор за продлабочување на билатералната соработка и поддршката на реформските приоритети во областа на јавната администрација.
Скопје, 12 јануари 2026 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка во земјата, Ивета Хрицова, на која станало збор за продлабочување на билатералната соработка и поддршката на реформските приоритети во областа на јавната администрација.
Како што соопштија од Министерството, на средбата било истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.

Министерот Минчев, се додава, ја нагласил посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
- Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики - истакнал Минчев.

Двете страни изразиле подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена, стои во соопштението од кабинетот на министерот за јавна администрација. вг/
Фото: Министерство за јавна администрација