• сабота, 15 февруари 2025

Милошоски: Спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев е аргумент плус за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцевски

Милошоски: Спогодбата со Иџет Мемети и Наќе Георгиев е аргумент плус за разрешување на Државниот јавен обвинител Коцевски

Скопје, 15 февруари 2025 

Георгиев беше судија во Врховниот суд, Мемети член и потпретседател на Советот на јавни обвинители. Дејствувале како тандем и наместо да раздаваат правда, тие продавале правда за пари. Продавале минимална затворска казна во замена за договорени 35.000€, за кривично дело недозволено производство и трговија на дрога. Парите од синот на клиентот ги земале во кеш. Ги фатија заради агилноста на новиот министер за внатрешни работи, а има индиции дека слична трговија "кеш за правда" направиле и претходно, со истиот клиент, но во друга конвертибилна валута.

Покрај шокот кај медиумите како за овој обвинитеско-судски тандем владеел кешот, наместо да владее правото, јавноста беше фрапирана и од леснотијата со која јавното обвинителство на чело со Коцевски потпиша скандалозно лесна спогодба со овие двајца криминалци. За судијата Георгиев казна од три години затвор (а според КЗ чл. 359, за примање награда за противзаконито влијание му се запретени од 1 до 10 години затвор), а Мемети, потпретседател на Советот на јавни обвинители, доби само условна казна, иако законот запретува со затвор од 1 до 5 години.

Спогодбата со Мемети и Георгиев е скандалозна од неколку причини, а одговорноста за тоа е на товар на јавниот обвинител Коцевски.

Прво, пари за местење на пресуди не примиле ниту возачот во Врховниот суд, ниту портирот во Советот на јавни обвинители, туку двајца истакнати членови на овие правосудни установи, со големо влијание, со дводецениско искуство во правните работи и пред се функционери кои биле надлежни, одговорни и примале плата за совесно да го спроведуваат законот. Спогодбата која со амин на Коцевски е потпишана со овој судско-обвинителски крими тандем е лоша јавна поука за другите обвинители и судии, и го поткопува принципот на правични санкции што треба да спречат идни општествено-штетни дејствија во оваа фела.

Второ, државниот обвинител Коцевски и Иџет Мемети се познаваат долги години, а во времето на истрагата за стореното кривично дело заедно беа колеги, односно и двајцата беа членови во Советот на јавни обвинители. И бидејќи секоја можна спогодба за сторен криминал во предмет од интерес за јавноста се реферира пред државниот јавен обвинител, во овој случај Коцевски како колега на Иџет Мемети, требало заради објективна пристрасност да се изземе од предметот.

Трето, сериозно е прашањето зошто ЈО Коцевски не побарал Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал до судот да предложи мерка оддалечување од работа за веќе обвинетиот Иџет Мемети? И дали Коцевски знаел или можел да знае дека осомничениот Мемети токму во тој периот од човек од обвинителството добил навремена пријателска порака да го смени мобилниот апарат пред да му се изврши претрес?

И на крајот, една правничка дилема. Зошто обвинетите Иџет Мемети и Наќе Геориев во настанот не се поврзани како соизвршители, иако е очигледно дека во наплатата на "кеш за правда" делувале во тандем? Во настанот Мемети ја користел својата позиција како потпретседател на Советот на јавните обвинители и интервенирал за клиентот да биде донесена одлука од јавен обвнител, за разлика од Наќе Горгиев, судија во Врховен суд, кој во делото немал такви надлежности кон обвинителството, освен што го знаел лично оштетениот и со него ја договорил паричната награда. Оштениот знаел дека целата работа ја вршат двајцата обвинети, што лично му било потврдено од Иџет Мемети, но сепак од страна на обвинителството Мемети бил привилигиран, бидејќи за него е искористен е член 359 став 3 и став 2 од КЗ (со предвидена максимална казна до 5 години затвор), а тоа што биле блиски колеги со Коцевски е единствената "логика" тој да не одговра по ставот 7 од чл.359, во кој за примена парична награда казната е до десет години затвор. Значи има голема разлика во примената на правото кога обвинетиот му е колега и пријател на обвинителот Коцевски.

Сума сумарум, контроверзната спогодба и прениските санкции за крими тандемот Мемети-Георгиев, а аминувана лично од државниот обвинител, е еклатантен пример за крупна професионална грешка од страна на Коцевски. По се изгледа дека рушителите на репутацијата на ЈО не се надворешни актери, туку се внатре во самото обвинителство. Заради овој случај, но и неколку други, истиот треба да си поднесе оставка или да биде разрешен од Собранието.

Фејсбук статус на пратеникот Антонио Милошоски

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан