• недела, 22 декември 2024

Милевски и Алиоски од Тбилиси: Дојдовме по победа

Милевски и Алиоски од Тбилиси: Дојдовме по победа

Тбилиси, 22 септември 2022 (МИА) – Победнички амбиции пред утрешниот натпревар против Грузија во рамки на претпоследното коло во Лигата на нации искажаа македонскиот селектор Благоја Милевски и репрезентативецот Езѓан Алиоски на вечерашната официјална прес-конференција во Тбилиси. 

-Се концентрираме на тоа како ќе функционираме како тим против одличен противник. Македонија имаше одлични квалификации за Светско првенство, одлични натпревари во баражот против Италија и Португалија, но за жал се соочивме со многу проблеми во Лига на нации. Имавме многу повредени фудбалери и принудно менувавме, иако тоа не беше план. Продолжуваме со таа транзиција, а ова е можност да се увериме во квалитетот на помладите фудбалери. Додека постојат и најмали шанси ние ќе се бориме, изјави Милевски. 

Македонскиот селектор рече дека поразот од Грузија во Скопје е минато и неговите избраници се дојдени во Тбилиси по победа. 

- Никогаш не се навраќам на минатото, а нема ниту на мечот со Грузија во Скопје. Играат поразличен фудбал од порано, а дали се поквалитетни од нас, ќе покаже времето. Во фудбалот не победува секогаш подобриот. Ако мислиме дека не можеме да победиме тука, не би ни дошле. Овде сме дојдени да победиме, порача Милевски. 

Репрезентативецот Алиоски, исто така, најави дека „црвено-жолтите“ ќе се обидат да ги освојат трите бодови против лидерот во групата 3 во Ц-Дивизијата во Лигата на нации. 

- Го исполнивме сонот овде, се пласиравме на Европско првенство, но тоа е веќе зад нас. Не е важно дали играме пред полни трибини или без публика, навивачите не се на теренот, за добар резултат треба да одиграме добар фудбал, а ние сме дојдени за да го покажеме нашиот квалитет. Поразот дома навистина беше болен за нас и ќе се обидеме да победиме тука, изјави Алиоски. ег/хс/

Остани поврзан