• четврток, 26 декември 2024

Милатовиќ: Коруптивните постапки во здравството мора да бидат законски санкционирани

Милатовиќ: Коруптивните постапки во здравството мора да бидат законски санкционирани

Подгорица, 25 ноември 2024 (МИА) - Коренот на проблемот со кој се соочуваат граѓаните на Црна Гора во однос на често несоодветната здравствена заштита е токму корупцијата во здравствениот систем, изјави денеска претседателот Јаков Милатовиќ на Антикорупцискиот форум на тема корупцијата во здравството.

Милатовиќ рече дека е важно да се разговара на оваа тема која е од клучно значење за црногорското општество.

„Здравствената заштита треба да претставува основен столб на социјалната еднаквост, место каде секој граѓанин, без разлика на неговата финансиска состојба, може да го оствари правото на квалитетна здравствена заштита. За жал, наместо тоа, има многу наши граѓани кои се сведоци на коруптивни дејствија во здравството - од плаќање мито за побрзо или подобро лекување, до неправилности во јавните набавки на медицинска опрема и лекови кои се мерат во милиони евра. Затоа корупцијата во здравството не е апстрактен проблем во Црна Гора. Тоа е, да се користи медицински речник, болест на нашиот систем, закана за здравјето на нацијата и директен напад на основните човекови права“, рече Милатовиќ.

Тој посочи дека црногорското општество за да има подобро здравство мора да се бори против корупцијата во здравствениот систем.

„Знам дека поголемиот дел од здравствените работници ја вршат својата работа со многу љубов и одговорност кон граѓаните на Црна Гора. Но, за жал, има и такви поединци кои преку коруптивни дејствија ја поткопуваат довербата што им е укажана. Нема место за такви поединци во нашиот систем“, рече тој.

Милатовиќ истакна дека речиси 60 отсто од граѓаните, според минатогодишните истражувања на јавното мислење,  сметаат дека корупцијата во голема мера е присутна во здравствениот систем на Црна Гора.

„Овие податоци не се новост, туку карактеристика на здравствениот сектор повеќе од една деценија зад нас. На овие негативни трендови не предупредуваат и нашите европски партнери, што беше наведено во извештајот на Европската комисија за минатата година. Овие податоци предизвикуваат загриженост и се сериозен аларм дека мора итно да се преземат мерки“, рече Милатовиќ.

Тој ги повика носителите на одлуки да преземат решителна акција - „не декларативни зборови, туку конкретни чекори, а пред се да се утврдат кривични казни за корупција во здравството“. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан