• вторник, 12 ноември 2024

Мизрахи: Заклучоците кои ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив

Мизрахи: Заклучоците кои ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив

Скопје, 28 ноември 2023 (МИА) – Заклучоците кои ги прочитав пред Анкетната комисија немаат политички наратив, во нив нема ниту еден политички збор, беа доставени до сите медиуми, а се однесуваат на одговорности, односно посочуваат лица коишто ги занемариле законот или пак законите во своето функционирање. Ова денеска го истакна пратеничката Рашела Мизрахи, претседателка на собраниската Анкетна комисија за скандалот со Клиниката за онкологија.

- Дополнително, решив да се зборува за оние лица коишто биле актуелни функционери во текот на 2021 година во здравствениот систем, не навлегувајќи во останатите години заради тоа што и самиот мандат, што го имаме од 2020 година, сите ние како пратеници, како и поради тоа што како темелен документ се носи извештајот од Државниот завод за ревизија, рече Мизрахи.

Од друга страна, таа смета дека предлог заклучоците од мнозинството се многу општи.

-Тие беа исто така доставени до јавноста, прочитани на прес-конференција. Не укажуваат на политичка одговорност на одредени лица и го занемаруваат фактот за што е настаната Анкетната. На моја голема жал, сметам дека мнозинството реши да застане во одбрана на политички функционери, во одбрана на политиката, над здравјето и животот на граѓаните, пациентите на Онкологија. Ги стави политичарите над прашањето на заштита на здравствениот систем во нашата држава. Нашите заклучоци толку дивергираат во својот наратив, што се речиси неспојливи. Непоимливи еден со друг, рече Мизрахи.

Таа кажа оти видела дека во системот има чинители коишто ја играле улогата на „ништо не слушнав, ништо не видов и ништо не кажав, а за тоа, цената ја платиле граѓаните, пациентите, како и нивните семејства“.

-Без разлика на барањето за моја оставка и кои ќе бидат заклучоците понатаму, нема никогаш да се приклучам на ставот дека не сум видела, не сум чула или нема да кажам нешто. Напротив, јас ќе стојам заедно со вистината пред моите сограѓани, коишто се пациенти и нивните семејства на оваа клиника, нема да правам никаков политички пазар или компромис со вистината. Без разлика на последиците од тоа, додаде Мизрахи.

Таа не можеше да каже дали ќе има уште една седница на Анкетната, бидејќи до 3 декември треба да се донесе заеднички став на Комисијата.

- Јас би почекала да видам што ќе се случи со барањето за оставка, доставено од мнозинството. Се чини дека има некој обид претседателката на Анкетната комисија да биде виновна, а не оние коишто биле реалните виновници во здравствениот систем, кои овозможиле да настане хаварија и ужасна трагедија на Онкологија, така што, да видиме каков ќе биде расплетот на оваа ситуација понатаму, одговори пратеничката.

Таа потсети дека членовите на Комисијата работеле многу интензивно и саботи и недели со две до три седници во текот на неделите. На распитот беа свикани 63 сведоци, присуствуваа педесет и еден.

-Јас лично поминав и денови и ноќи во читање материјали, така што, немаше никаква опструкција во работата на Анкетната комисија, подвлече Мизрахи. бд/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан