• четврток, 04 декември 2025

МИА Истражува: Иванденски празнувања со „Иванка“ во Ресен

МИА Истражува: Иванденски празнувања со „Иванка“ во Ресен

Ресен, 7 јули 2025 (МИА) - Празникот Иванден во Македонија се поврзува само со градот Ресен како негов најкарактеристичен елемент од циклусот на годишните празнувања. Територијалната прослава на овој празник во различни временски периоди е различна, на почетокот од 20. век празнувањето се одвивало во повеќе населени места на територијата на Горна Македонија, кон средината на 20. век доаѓа до постепени промени, а денес празнувањето на Иванден со неизбежната „Иванка“ се поврзува исклучиво со територијата на градот Ресен, станувајќи негов препознатлив белег. Тоа беше само една од причините, во 2019 година македонската Влада, манифестацијата „Иванка“ да ја прогласи за културно историско наследство од особено значење.

Празникот Иванден посветен на раѓањето на Св. Јован Крстител се празнува на истиот датум како и празникот „Иванка“, односно на 7 јули. Ваквата поставеност и поврзаност со христијанството претпоставува тесни врски, но и силно христијанско влијание во рамки на неговото празнување. Сепак тоа што претставува посебна поетика на овој обреден циклус е силното присуство на зачувани предхристијански елементи, што повторно посочува на неговата старост и на неговото предхристијанско потекло, вели за МИА, д-р Мери Стојанова, етнолог во НУ Завод и Музеј-Битола.

-Носечките елементи на празникот од дамнина до денес се задржани и идентични. Во пресрет на празникот се врши обредно берење на цвеќе, се врши украсување на ѓумот, се пее песната „Иванден, девојко...“ и се прави кукла „Иванка“. Како некогаш, така и денес, во секое маало во Ресен, групи девојчиња кои не се влезени во пубертет, вршат обредно берење на цвеќе „наваличе“ (боливач) кое се користи за украсување на ѓумот и правење „Иванка“. Ѓумот кој воедно симболизира „тело“ на „Иванка“ се полни со вода, затоа што водата е еден од најважните елементи на животот, чие значење може да биде повеќеслојно и претставува симбол на женскиот принцип – чистина. Потоа, секоја девојка по сопствена желба во ѓумот става прстен, обетка или паричка „за здравје“. Сите тие предмети остануваат во ѓумот, се до моментот на „растурањето“ на куклата, појасни Стојанова.

Во последниве години при изработката на „Иванка“ се користат и други варијанти, односно телото на антропоморфната женска фигура се обликува со крпи со што во голема

мера се напушта традиционалниот начин на изработка, но најважно од се е дека традицијата продолжува, вели ресенчанката Мирјана Стрезовска.

-Се сеќавам...како деца, сите од нашата маала „Доча“ именувана според истоимената чешма „Доча“, се собиравме на едно место и тргнувавме низ градот од куќа до куќа. Сите во еден глас пеевме „За Иванден масло, за Иванден шеќер, брашно...“ а домаќинките ни даваа различни производи, јајца и други намирници од кои потоа нашите мајки и баби ни подготвуваа нешто благо. Исто така во тоа време, како и денеска, и ние изработувавме кукли „Иванки“ кои беа прекрасни. И ден, денес жалам што немам некоја слика. Празникот за нас беше забава, а јас почнав во групите да се вклучувам од 7 годишна возраст. Се радувам што празникот во Ресен сеуште се слави и знам дека никогаш нема да биде прекината оваа традиција. За оваа година само во нашата маала дури три семејства изработуваат кукла „Иванка“. Во наше време се водеше натпревар меѓу маалата „Доча“ и „Влашка чешма“ за тоа која „Иванка“ е најубава, а и денеска девојчињата на свој начин се натпреваруваат на овој прекрасен празник, ни рече Мирјана Стрезовска (72 г.) од Ресен.

Празнувањето на „Иванка“ е во денови кога се пости, а тоа значи дека и ручекот на Иванден е посен, со посен грав, а на трпезата има и „суви“ слатки. На почесно место на трпезата се става „да седи“ куклата „Иванка“, секој да ја гледа и дарува „за здравје“. После ручекот, девојчињата празнично облечени, се движат од маало во маало каде ја покажуваат својата „Иванка“, а тие што ќе ја видат, ја даруваат, најчесто со пари.

-Според моите истражувања, порано празнувањето се одвивало до доцна во ноќта. Кон групата девојчиња, во вечерните часови се придружувале момчињата кои во рацете носеле запалена борина која останала како реликт од палењето на некогашните Иванденски огнови. Тие пред се имале лустративна функција, односно целта била населението да се заштити од лошите демони, болести и штетници. Денеска таа обредна поворка скоро и да е заборавена, но може да се забележат групи девојчиња кои во текот на денот низ градот запираат пешаци или возачи со цел да ја даруваат куклата „Иванка“. Празнувањето завршува со „растурање“ на куклата, водата од ѓумот може да се користи подолго време бидејќи се смета за света вода и се користи за здравје и среќа за секој што ќе се измие со неа. Патем, доколку остане од водата, таа се истура на „чисто место“ каде никој не би можел да ја „извалка“ нејзината светост, појасни д-р Мери Стојанова, етнолог во битолскиот Музеј.

Празникот Иванден со манифестацијата „Иванка“ во градот на јаболкото, е впишан во националната листа со заштитени добра, а за традицијата се грижат од локалниот Дом на

култура „Драги Тозија“. Овие институции и годинава ги повикаа младите од Ресен да изработат кукла „Иванка“ за што соодветно ќе бидат наградени како учесници кои придонесуваат за подигнување на свеста на населението за зачувување на обредните елементи на единствениот од ваков вид празник на територијата на Македонија.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан