• сабота, 23 ноември 2024

МЗ: Сите документи се спремни за увид, целосна поддршка за истрагата

МЗ: Сите документи се спремни за увид, целосна поддршка за истрагата
Скопје, 10 септември 2021 (МИА) - Министерството за здравство ја поздравува постапката на Основното јавно обвинителството за истрагата за избувнувањето на пожарот во мобилниот ковид-центар во составот на Клиничката болница во Тетово, каде, како што се нагласува во соопштението, на голема жалост имаше и човечки загуби и информира дека ја доставува на увид целокупната документација за модуларните болници. - Ја информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид-центри во државата, велат од Министерството за здравство. Оттаму информираат дека стручните технички извештаи од извршените испитувања на отпорите на заштитното заземјување, испитувањето на непрекинатоста на заштитниот проводник и отпорите на распространување на инсталацијата за заштита од атмосферски празнења, како и сертификати за тестирање и квалитет на материјалите кои се вградени во префабрикуваните модуларни контејнери, се достапни за увид. Од Министерството додаваат дека достапни на увид се и сертификати за ѕидни и покривни панели, за подови, известувања за извршена хидро проба и тестирање на инсталираната водоводна мрежа, известувања за исполнетост на минимални технички барања во однос на конструкција, плафони, столарија, греење и ладење, инсталации и подови, изјава за сообразност, записници од примопредавање на префабрикуваните модуларни контејнери-регионални ковид центри, решенија за пренесување на вредност на модуларни контејнери, како и решенија за пренесување на вредност на инвентар и немедицинска опрема на болниците. - Откако изведувачот ќе ги поставеше модуларните контејнери се вршеше примопредавање на истите. Примопредавањето го правеа инженери од МЗ, МТСП, како и претставници од изведувачот и болниците, со што модуларните контејнери се предаваа на болниците во целост согласно техничките спецификации од договорот, велат од Министерството. Министерството за здравство нагласува дека не сакајќи да се меша во јавнообвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага која ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располага е подготвено да ја доставиме на увид. ир/сп/

Остани поврзан