• понеделник, 25 ноември 2024

МЗ: Ослободување од работа на ранливите категории, избегнување сонце, носење светла облека

МЗ: Ослободување од работа на ранливите категории, избегнување сонце, носење светла облека

Скопје, 11 август 2024 (МИА) - Од утре до среда, територијата на цела држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалово ниво на опасност од високи температури и согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, се преземат акции предвидени за фаза 2 – „Портокалово ниво“ на топлотни бранови, информираат од Министерството за здравство.

По тој повод, Владата ги усвои препораките на Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури.

- Согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, од 12 до 14 август, предвидено е ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно: бремените жени и лицата на возраст над 60 години. Во истиот период, работодавците да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, известуваат од Министерството за здравство.

Оттаму, меѓу другото, посочуваат единиците на локална самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.

- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, велат од Министерството.

Се апелира населението да ги почитува општите мерки за заштита на здравјето, како што се, во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сè климатизирани), при неопходен престој на отворен простор во овој период да се најде можност за почести одмори под сенка. Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор.

- Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.
Да се внесуваат повеќе течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред нивна употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката, како и избегнување термички необработени производи, нагласуваат од Министерството за здравство. ир/ев/

 

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан