• петок, 22 ноември 2024

МЗШВ: Исплатени 283,4 милиони денари субвенции кон 9.623 сточари

МЗШВ: Исплатени 283,4 милиони денари субвенции кон 9.623 сточари

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) - Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) ја реализира исплатата на директните плаќања од програмата за финансиска поддршка во земјоделството 2024 година за обележани женски грла говеда, обележани грла овци и обележани грла кози.

Како што информира денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), вкупната исплата која е реализирана изнесува 283,4 милиони денари кон вкупно 9.623 сточари.

Како корисници на субвенциите за обележани женски грла говеда се јавуваат земјоделските стопанства што имаат пријавено женски грла, кои имаат наполнето 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 76 милиони денари до 6.342 корисници.

Кон 2.194 огледувачи на овци се исплатени 191,9 милиони денари финансиска поддршка за земјоделските стопанства, кои имаат пријавено минимум 30 грла овци постари од 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето.

Кај огледувачите на кози е исплатена финансиска поддршка од 15,4 милиони денари со која се опфаќаат 1.087 корисници. Основ за добивање на оваа финансиска поддршка се пријавени минимум 10 грла кози кои имаат наполнето 12 месеци на денот на поднесувањето на барањето.

МЗШВ најави дека до почетокот на март сточарите ќе ги добијат и дополнителните 70 отсто од основните субенции, кои се однесуваат на предадено  производство во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица. АФПЗРР, како што се наведува, веќе активно работи во подготовка на податоците за исплата на дополнителните 70 отсто од субвецниите за сточарите.

Дополнително сточарите, кон крајот на 2024 година како и другите земјоделци повторно ќе добијат авасни 30 отсто за субвенции за оваа тековна 2024 година.

-На крајот од 2023 година ја реализиравме и до сега најголемата исплата на премиите за произведено и предадено млеко за седум месеци, односно фазите октомври – декември 2022 година и јануари-април 2023 година. До сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени беа 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко, стои во соопштението.

Од ресорното министерство потенцираат дека 2024 е година на сточарството. мд/нд/

Фото: МЗШВ 

 

Остани поврзан