Меџити: Лекот „Трикафта" не е поскапен, побрза разрешница на случајот со Онкологија
- Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги негираше информациите дека лекот „трикафта“ е поскапен, и посочи дека интензивно се работи на позитивната листа на лекови. Меџити исто така побара од Обвинителството побрза разрешница на случајот со Клиниката за онкологија.
Скопје, 15 декември 2023 (МИА) - Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги негираше информациите дека лекот „трикафта“ е поскапен, и посочи дека интензивно се работи на позитивната листа на лекови. Меџити исто така побара од Обвинителството побрза разрешница на случајот со Клиниката за онкологија.
- Следната недела „Трикафта“ пристигнува, ќе биде доделена на пациентите. Дванаесет пациенти веќе примаат терапија, а други пациенти ќе бидат вклучени во согласност со сите критериуми што се дадени од експертите на Детска клиника, информираше тој.
На новинарско прашање до каде се активностите околу позитивната листа на лекови, тој рече дека интензивно се работи на тоа.
- Се работи интензивно. Голем број апликации се разгледани и ќе бидете сведоци оти голем дел од тие лекови ќе бидат вклучени на позитивната листа, кажа министерот.
Прашан до каде е случајот со Онкологија во Обвинителство, тој повторно повика на негова разрешница.
- Повторно повикувам, Обвинителството веќе навистина е крајно време и тие самите да се тргнат од тој товар дека правниот систем не функционира во државата. Нека повелат господата и нека излезат со конкретен одговор и да се знае еднаш засекогаш кој е виновен, одговори министерот.
Тој рече дека како член на Владата, верува во системот на државата.
Во врска со болниците во Штип и Кичево, Меџити рече дека за Штип е активирана банкарска гаранција, и оти истото ќе биде и за Кичево.
- Конкретно за Штип, како што тогаш ја креиравме таа динамика, активиравме банкарска гаранција, веќе пред Нова година или после, ќе објавиме тендер меѓународен за да се доизгради клиничката болница, а истото ќе биде и за Кичево. Ќе се почитуваат сите процедури, административни работи. Јас сум тука да им седам на врат, на глава, на сите и на службите за да може овие проекти големи за интересот на сите граѓани, да се стават во функција, рече министерот. бд/ев/
Фото: МИА